Упад во Инфомакс: Напад во живо ја шокира јавноста

ВестиМакедонија

Непознат напаѓач насилно влета во студиото на Инфомакс за време на емисија. Случајот отвора сериозни прашања за безбедноста на медиумите.

За време на емисијата „Тешки Муабети“, околу 23:45 часот, во студиото на Инфомакс се случи сериозен инцидент што ја вознемири македонската јавност. Непознато лице насилно упаднало во просторот каде што се снимал подкастот, изнесувајќи навреди и закани по живот кон екипата.



Напаѓачот најпрво ги пробил вратата од дворот – обезбедена со шифра – а потоа и главниот влез во студиото. По упадот се обидел физички да се пресмета со присутните. Настанот е регистриран од видео-надзор и уште една дополнителна камера, што значи дека материјалот постои и е обезбеден.

Редакцијата на Инфомакс смета дека овој настан е директен резултат на јавните повици за насилство што, како што наведуваат, доаѓале од поединци блиски до власта. Инцидентот го оценуваат како најтежок напад врз медиум во поновата историја на Македонија, особено затоа што се случил во живо, додека програмата се емитувала.

Од медиумот бараат од сите надлежни институции да ја спроведат постапката до самиот крај, а од новинарската заедница – солидарност и јасна осуда. Според нив, напад врз медиум е напад врз основните столбови на демократското општество: слободата на изразување и независното известување.



Инфомакс упати благодарност до илјадниците граѓани кои изразија поддршка веднаш по инцидентот. Од таму порачаа дека редакцијата ќе продолжи со работа – брзо, професионално и без цензура – без оглед на притисоците.