Свети Јаков Персијанец: Светецот што ја спаси вината!
Се слави Свети Јаков Персијанец – заштитникот на сите што се вратиле кон верата по падот.
Денес православните верници го празнуваат Свети Јаков Персијанец – светецот што го познава тежината на човечката слабост и силата на покајанието. Роден во угледно христијанско семејство во Персија, Јаков од најрана возраст бил воспитуван во верата, живеел чесно и бил семеен човек. Но, како што често се случува, животот му подметнал искушение што го свртело на погрешен пат.
Поради својата умност и способност, персискиот цар Издегерд го поканил во дворската елита. Престиж? Секако. Цена? Огромна. За да го ужива новиот статус, Јаков морал да се откаже од христијанството и да им принесе жртва на паганските идоли. Во превод: компромис со душата за место на трпезата на моќните.
Кога семејството дознало, му напишале писмо што го погодило посилно од која било казна. Го нарекле „боготпадник“ и „духовен мртовец“, но со последна молба – да се разбуди, да се покае и да се врати кон Христос. Таа вистина го пресекла. Свесен за сопствениот пад, Јаков јавно пред царот и дворот признал дека повторно е христијанин и дека нема да се поклонува пред лажни идоли.
Царот, бесен како да му го украле престолот, го осудил на една од најбруталните смртни казни во историјата: отсекување дел по дел од телото. Прво прстите, па стапалата, рацете, рамените… сè до последниот здив. А Јаков? На секое сечење благодарел на Бога. Да, звучи речиси неверојатно – човек кој го признал својот пад, го прифатил страдањето и ја исчистил душата до последниот момент.
Дел од неговите мошти денес се наоѓаат во Рим, а другите во Португалија, каде се празнува на 22 мај. Поради неговиот сопствен пример на пад и искрено враќање, Свети Јаков Персијанец се смета за заштитник на сите што некогаш залутале, но ја нашле силата да се вратат на вистинскиот пат.
Ако чувствувате дека сте се оддалечиле од она што е исправно, ако знаете дека сте погрешиле – не затворајте ги очите. Овој светец стои како симбол дека ништо не е завршено сè додека човек се кае. Според преданието, оние што искрено го повикуваат Свети Јаков ќе ја добијат помошта што им треба – и за себе и за своите најблиски.









