Симит-погача – градска уметност
Рецепт за најпознатата скопска симит-погача,уникатна улична храна со лепче и мрсна пита, подготвена со традиционална рецептура. Вкус кој не се заборава!
Ако некогаш сте биле во Скопје и не сте пробале симит-погача – тогаш, да се разбереме, не сте го доживеале вистинскиот вкус на градот. Оваа уникатна улична храна, вистинска хибридна генијалност помеѓу лепче и мрсна кора без фил, е ексклузивитет што го краси само скопскиот гастрономски пејзаж.
Да бидеме прецизни: симит-погача не е бурек, ниту само погача – туку чудо во две димензии. Топло, масно, и вкуснa комбинација која логички изгледа погрешна („леб во леб?!“), ама откако ќе пробаш, ќе си простиш што си се сомневал.
🥖 Состојки за лепчињата (симитот):
500 г брашно
300 мл млака вода
3-4 лажици оризово млеко
100 мл масло
1 лажичка сол
2 лажички шеќер
1 кесичка сув квасец (10 г)
🫓 За мрсната пита (погачата):
800 г брашно
400 мл вода
2 лажички сол
Масло или свинска маст (за најавтентичен вкус)

🔥 Подготовка:
1. Лепчиња (симит):
Оризовото млеко се раствора во млака вода. Се замесува меко тесто од сите состојки. Се остава да кисне додека не се дуплира волуменот.
Потоа се дели на 8-10 парчиња, се формираат поголеми тркалезни лепчиња, се премачкуваат со масло и се оставаат уште 15-20 минути да стасаат.
Се печат во загреана рерна на 220°C додека не добијат убава златно-кафеава боја. По вадењето, пак се премачкуваат со масло.
2. Мрсна пита (погача):
Од брашното, водата и солта се замесува еластично тесто. Се меси 10-тина минути, се дели на 5 топчиња и се оформуваат дискови. Секој се премачкува со масло и се остава да „впие“ 15 минути.
Потоа секој диск се развлекува на маса со чаршав, нежно и трпеливо, сè додека не добиете тенка кора. Се тргаат дебелите рабови, се попрскува со масло, се преклопува како плик и се остава на страна.
Процедурата се повторува со секоја нова кора, и во средината на секоја нова се става претходната преклопена кора.
Кога ќе се направи последната преклопена „торта“ од кори, се става во намастен плех, се остава 15 минути и се пече на 220°C додека не зарумени и не се појават балончиња.
🧨 Финалниот чин – Склопување:
Се зема едно лепче, се засекува на половина и се става внатре едно парче од мрсната пита. Не прашувај зошто. Само пробај. Лепчето ќе го впие маслото од питата и ќе добие текстура што неможе да се опише со зборови.