Сабаленка со жестока изјава: „Ова е просто смешно!“

Спорт

Арина Сабаленка со остра реакција за транс спортисти и нападите од Марта Костјук во интервју кај Пирс Морган.

Арина Сабаленка, најдобрата тенисерка на светот, повторно стана центар на вниманието откако кај Пирс Морган даде изјава што го обиколи целиот свет. Во директно вклучување, заедно со бунтовниот Ник Кирјос – нејзиниот партнер на претстојниот „Battle of Sexes“ – Белорусинката доби прашање што малку кој очекуваше: ставот за транс спортистите и за обвинувањата што неодамна ги доби од украинската тенисерка Марта Костјук.



Реакцијата беше моментална – и остра.

„Толку е смешно што воопшто разговараме за коментари од некој како Марта Костјук. Сè што слушам се изговори,“ изјави Сабаленка, без грам двоумење.

Потоа додаде и малку сарказам, што навистина ја запали сцената:
„Таа е силна девојка. Веројатно има повеќе мускули од мене и изгледа подготвено и цврсто.“



Костјук претходно тврдеше дека е физички „потчинета“ во дуелите со Сабаленка, алудирајќи на наводна разлика во нивоата на тестостерон. Но светската бр. 1 одби да го прифати тој наратив.

„Не мислам дека тоа е причината за сите нејзини порази од врвните играчки. Физичката сила не е пресудниот елемент во тенисот,“ додаде Сабаленка.

За време на интервјуто, покрај неа седеше Ник Кирјос, кој веднаш ѝ даде поддршка. Тој потсети дека и во машкиот тенис постојат огромни разлики – Иво Карловиќ и Џон Иснер биле повисоки и посилни од Роџер Федерер, но тоа не значело ништо без вештина, техника и ментална подготвеност.

Пирс Морган, како што знае да направи шоу, вметна и серија фотографии во бикини што Сабаленка неодамна ги објави на Инстаграм – уште една причина поради која нејзиното име повторно заврши во сите sports trending листи.