Парадата на Победата во Москва
Парада на Победата на Црвениот Плоштад во Москва, каде што присуствуваат 20 светски лидери, но западниот свет бојкотира без свои лидери.
На Црвениот плоштад во Москва денеска свечено започна Парадата на Победата, по повод 80-годишнината од триумфот над фашизмот. Манифестацијата започна точно во 10:00 часот по московско време, односно во 9:00 по средноевропско, со интонирање на песната „Света војна“ и носење на државното знаме на Русија и Знамето на Победата.

Иако церемонијата се одржува во сенка на зголемените геополитички тензии, на трибините во срцето на Москва присуствуваа повеќе од 20 странски лидери. Помеѓу нив се најдоа кинескиот претседател Ши Џинпинг, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, венецуелскиот лидер Николас Мадуро и словачкиот премиер Роберт Фицо. Западните челници, пак, демонстративно го бојкотираа настанот, во знак на политички отпор кон руската надворешна политика.
На настанот присуствуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој и покрај предупредувањата од Брисел, реши да биде дел од чествувањето.
Гостите беа свечено пречекани во Кремљ од страна на рускиот претседател Владимир Путин, по што заедно се упатија кон плоштадот, каде ја следеа парадата.
Во својот десетминутен говор, Путин го нагласи „историското значење на победата“ и порача дека Русија „била и ќе остане против нацизмот и антисемитизмот“. Тој изјави дека „вистината и правдата се на нашата страна“, повикувајќи на национално единство, зачувување на традициите и почит кон жртвите од Втората светска војна.
„Денес не обединуваат чувствата на радост, гордост и благодарност. Овој ден го одбележуваме како симбол на пожртвуваност и непокор. Наш долг е да ја чуваме честа на борците“, рече рускиот лидер, прогласувајќи минута молк во чест на загинатите.

По завршувањето на парадата, следува положување венци на Гробот на непознатиот херој во Александровскиот парк, а во Кремљ ќе се одржи свечен прием за странските лидери и почесни гости, во организација на Владимир Путин.
Најавено е исто така дека во Парадата ќе учествуваат 14. 000 војници, каде што ќе прикажат повеќе од 130 воени техники.