Голема полициска акција во Скопје: Уапсени 12 лица

ВестиМакедонија

Полицијата уапси 12 лица во Скопје и скопско во акција за оружје и злосторничко здружување.

Во раните утрински часови на 10 декември 2025 година, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, под раководство на јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, спроведоа координирана акција на повеќе локации во Брест, Инџиково, Арачиново, како и во скопските населби Методија Андонов Ченто и Чаир.

Во акцијата беа лишени од слобода 12 лица: Н.С. (70), Ф.С. (42), Ќ.С. (44), Б.А. (40), С.Д. (37), Ф.Д. (35), Н.А. (59), Р.К. (27), Н.Л. (44), А.К. (35), З.М. (61) и Р.С. (27). Тие се сомничат за „злосторничко здружување“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали“. Едно лице дополнително се товари и за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги“.



Според кривичната пријава поднесена до ОЈО ГОКК, групата делувала од април до декември 2025 година, при што формирала структуриран криминален механизам со јасно распределени улоги, насочен кон активности казниви со најмалку три години затвор.

Според доказите, С.Д. неовластено набавувал огнено оружје и муниција од лица од Косово, по што нелегално ги внесувал во државата. Материјалите биле складирани на безбедни локации во селата Сингелиќ и Брест.

Н.С., идентификуван како еден од организаторите, давал насоки за пронаоѓање купувачи и посредување во трговијата со оружје. С.Д. ги координирал активностите околу доставата, додека Н.А. го одржувал контактот со организаторот и ја управувал финалната дистрибуција.

Дополнително, Н.Л. се сомничи не само за посредување во незаконска трговија со оружје, туку и за продажба на кокаин. Институциите најавуваат дека истрагата продолжува со цел утврдување на целосниот опфат на криминалната мрежа.