Чудотворните придобивки од црешите
Црешите не се само вкусни, туку се и вистинска нутритивна бомба. Еве зошто треба почесто да ги имате на вашето мени.
Црешите – оние сочни, црвени плодови – се повеќе од само летно задоволство. Припаѓаат во истото семејство со праските, сливите и кајсиите, а нивната сезона трае од средината на мај до крајот на јули. Но зад нивната слатка или киселкаста арома, се крие вистинска ризница на здравствени придобивки.
Во продолжение ви ги претставуваме највпечатливите здравствени бенефити од црешите.
🌙 Го подобруваат сонот
Посебно киселите цреши се природен извор на мелатонин – хормон кој го регулира сонот. Според нутриционистката д-р Даниела Новотни од Универзитетот во Мисури, токму мелатонинот им помага на луѓето полесно да заспијат и да имаат поквалитетен одмор. Истражувања покажуваат дека сок од цреши може значително да го продолжи времето на спиење особено ова е за лица кои патат од несоница.
🛡️ Го намалуваат ризикот од хронични болести
Црешите се преполни со антиоксиданси – супстанции кои го штитат телото од воспаленија и оксидативен стрес, кои можат да го нарушат здравјето на клетките и да предизвикаат сериозни заболувања. Антоцијанините (растителни пигменти) и витаминот Ц се главните заштитници што ги содржат црешите.
Ја подобруваат дигестијата
Црешите се богат извор на растителни влакна – клучни за здрава дигестија и редовно празнење на цревата. Како што истакнува д-р Новотни, тие помагаат во спречување на запек и го поттикнуваат развојот на здрава микрофлора во цревата – основа на добриот имунитет и метаболизам.
❤️ Придонесуваат за здраво срце
Влакната во црешите играат голема улога во намалување на лошиот (LDL) холестерол, кој може да ги затне крвните садови и да го зголеми ризикот од срцеви заболувања. Дополнително, антиоксидансите ги намалуваат воспаленијата, со што се намалува и ризикот од артериска оштетеност и висок крвен притисок.
🦠 Ја поддржуваат имунолошката функција
Црешите се одличен извор на витамин Ц – клучен за создавање на бели крвни клетки кои се првата линија на одбрана против инфекции. Освен што ја зајакнуваат имунолошката функција, антиоксидансите од црешите ја поддржуваат регенерацијата на клетките и брзото закрепнување.
Како да изберете добри цреши?
Квалитетот зависи од видот, но генерално – црешите треба да имаат сјајна кора без флеки и расцепи. Црвените слатки цреши треба да варираат од светлоцрвена до темна бордо нијанса и да бидат цврсти на допир. Жолтите цреши имаат кремасто-жолта боја и слична текстура. Киселите (вишни) обично се помали, меки и со огненоцрвена боја. Избегнувајте овошје со кафеави дамки, лепкавост или оштетена кора.