Кремасти тестенини со лосос и спанаќ
Подгответе лесен и вкусен оброк со (шпагети) тестенини, свеж лосос и спанаќ во кремаст сос. Идеален рецепт, богат со вкус и здрави состојки.
Ако барате идеја за романтична вечера или едноставно вкусен и хранлив оброк, овој рецепт за кремасти тестенини со лосос и спанаќ е вистинскиот избор. Лесен е за подготовка, богат со вкус и совршено балансиран со протеини, зеленчук и кремаст сос.
За овој Рецепт (за 2 лица) е потребно:
- 2 свежи филети лосос
- 1 домашен кромид
- 200gr. XXL тестенини (или шпагети)
- 100gr. свеж спанаќ
- 150ml. павлака за готвење
- 2 лажици сончогледово масло
- сол и зачини по избор
Начин на подготовка
1. Варење на тестенините
Во голем сад ставете солена вода да зоврие и сварете ги тестенините според упатството на пакувањето.
Кога ќе бидат готови, исцедете ги, но заштедете половина чаша од водата за готвење – ќе ви користи за сосот.
2. Подготовка на лососот
- Филетите лесно посолете ги и зачинете по вкус. Загрејте 1 лажица сончогледово масло во тава и пржете ги 3–4 минути од едната страна и 2–3 минути од другата страна, додека не добијат златна кора.
- Отстранете ги од тавата и исечете ги на парчиња или издробете ги со вилушка.
3. Кремаст сос со кромид и спанаќ
- Во истата тава додадете уште 1 лажица масло.
- Пропржете ситно исечкан кромид додека не стане проѕирен.
- Додадете го спанаќот и пропржете кратко, само колку да омекне.
- Вмешајте ја павлаката за готвење, зачинете по вкус, а ако сосот е премногу густ – разредете го со малку од водата во која се вареа тестенините.
4. Соединување на вкусот
- Додадете ги варените тестенини во сосот и нежно измешајте за да се обвијат со кремастата текстура.
- На крај, додадете ги парчињата лосос – внимателно, за да не се распаднат целосно.
Совети за совршен резултат
- Наместо сончогледово масло, може да користите маслиново за поароматичен вкус.
- Ако сакате дополнителна свежина, посипете со малку лимонов сок врз готовото јадење.
- Овој рецепт оди одлично со чаша бело вино.
Овој рецепт за тестенини со лосос и спанаќ е идеален пример како со едноставни состојки можеш да создадеш ресторантско јадење во сопствената кујна. Кремаст, здрав и вистинско уживање за сите сетила – ќе стане еден од твоите омилени рецепти!