Зимзоленд, не се затвара, продолжува со работа нормално

ВестиМакедонија

„Зимзоленд демантира гласини за затворање и тврди дека работи нормално, и покрај инспекциските надзори и утврдените неправилности.“

Забавниот парк „Зимзоленд“ синоќа го отфрли тврдењето што кружеше по медиумите дека ќе биде затворен. Управата објави дека паркот продолжува да работи со редовното работно време – од 12:00 часот во работни денови и од 10:00 часот за време на викендите.



Од таму објаснија дека во претходните денови навистина биле извршени инспекциски надзори, но дека целосната и потребна документација веќе е доставена до надлежните институции.

Инспекциските служби, меѓу кои и Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство, претходно информираа дека биле утврдени повеќе пропусти – од санитарна природа, како и тоа дека организаторот не ја известил АХВ за продажба на храна во паркот.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, исто така се огласи, посочувајќи дека Град Скопје нема издадено дозвола за вршење дејност на оваа локација. Тој додаде дека се утврдени неправилности, како нерегуларно работење надвор од објект и поставена опрема што не е дел од програмата на Општина Аеродром, поради што е покрената инспекциска постапка.

Од Општина Аеродром дополнително објавија дека е спроведен заеднички вонреден инспекциски надзор со неколку институции, по што е отпочната процедура за отстранување на одредена опрема согласно законските регулативи.



Сепак, од „Зимзоленд“ повторуваат дека работата продолжува непречено. Нивната цел, како што посочија, останува иста – да обезбедат магична новогодишна атмосфера, радост и моменти за семејствата и децата.