Бургер Кинг се соочува со тужба поради лажни реклами
Судот дозволи тужба против Бургер Кинг поради наводно лажни реклами за големината на Whopper сендвичите. Потрошувачи тврдат дека биле измамени.
6 мај – Ројтерс – Ланецот на брза храна Бургер Кинг ќе мора да се брани пред суд поради обвинувања дека ги доведувал клиентите во заблуда преку реклами во кои сендвичите изгледале значително поголеми отколку во реалноста.
Американскиот окружен судија Рој Алтман во Мајами донесе одлука дека тужбата е основана и „веродостојна“ и дека разумни потрошувачи може да бидат измамени од маркетингот на компанијата. Случајот се однесува на популарниот сендвич Whopper, но и на други артикли од менито.
Во тужбата, која е поднесена како колективна акција, 19 потрошувачи од 13 држави тврдат дека Бургер Кинг намерно ја преценувал големината на сендвичите во своите реклами – и во продавниците и онлајн. Според нив, ова претставува материјална измама на потрошувачите.
Судијата Алтман посочил дека посебно по 2017 година, рекламите со Whopper го прикажувале производот значително поголем во споредба со претходните визуелни кампањи, што дополнително ги подгрева сомнежите.
Бургер Кинг, кој е дел од канадската корпорација Restaurant Brands International, во официјално соопштение изјави дека тврдењата се неосновани:
„Говедските плескавици прикажани во рекламите се истите што се користат во милионите Whopper-и што секојдневно ги служиме во САД“, стои во нивниот одговор.
Од другата страна, адвокатот на тужителите, Ентони Русо, се изјасни дека е задоволен од судската одлука и дека случајот претставува важен преседан за заштита на потрошувачите. Слична постапка веќе се води против Subway пред судот во Бруклин.
Случајот се води под името:
Coleman et al v Burger King Corp, Окружен суд на САД, Јужен округ на Флорида, број: 22-20925.