Во Кралската Опера во Лондон актерот Даниел Пери развеа палестинскo знаме – Видео
Во Кралската Опера во Лондон, актерот Даниел Пери развеа палестинскo знаме, што предизвика хаос и обид за тепачка зад сцената. Настанот ги подели публиката и јавноста.
Синоќа, во Лондонската Кралска опера, уметноста и политиката се судрија директно на сцена – и пред очите на шокирана публика. Глумецот Даниел Пери, член на актерската екипа, го развеа палестинското знаме веднаш по завршувањето на претставата, што доведе до хаотична и напната сцена пред публиката и зад кулисите.
Публиката, изненадена но и поделена, прво продолжи со аплауз, некои од поддршка, други од инерција. Но драмата се разгори кога од страна се појави маж – најверојатно член на продукцијата – кој се обиде да му ја одземе знамето. Пери не се повлече. Напротив, се спротивстави и успеа да го задржи симболот во своите раце, додека двајца негови колеги – кои стоеја во близина – се повлекоа настрана, избегнувајќи вмешување во инцидентот.
Во видеата кои бргу се проширија на социјалните мрежи, се гледа и како луѓе зад сцената му довикуваат на Пери, но тој ги игнорира и продолжува да стои со знамето. Во тој момент, уметничкиот чин се претвори во сцена на реална конфронтација.
Набргу по инцидентот, Кралскиот балет и опера објавија официјално соопштение во кое го опишаа потегот како „спонтана и неовластена акција на еден од уметниците“. Институцијата подвлече дека не само што не го одобрила тој гест, туку и го смета за „целосно несоодветен“, истакнувајќи ја својата „јасна политичка неутралност“.
Настанот повторно ја отвори расправата за тоа дали театарската сцена треба да биде простор за политички пораки или, пак, засолниште од нив. Поддржувачите на Пери го нарекуваат храбар и совесен, додека критичарите го обвинуваат за злоупотреба на уметнички контекст и нарушување на професионалната етика.