Жестока тепачка кај аеродромот во Тузла: судир меѓу Торцида и Делије, 23 повредени и 93 приведени

Масовна тепачка меѓу навивачите на Црвена ѕвезда и Хајдук кај аеродромот во Тузла. Повредени се 23 лица, а полицијата приведе 93 навивачи.

Сериозен навивачки инцидент се случил синоќа во близина на Меѓународниот аеродром Тузла, каде дошло до масовна тепачка меѓу припадници на навивачките групи Делије и Торцида – најжестоките навивачи на Црвена ѕвезда и Хајдук Сплит.

Како што соопштија од полицијата, на 24 јануари 2026 година, околу 21:55 часот, Полициската станица Живинице добила пријава дека пред влезот на аеродромот Дубраве има тепачка во која учествуваат повеќе лица. Веднаш биле испратени неколку полициски патроли, како и тимови за брза интервенција од Единицата за специјална полициска поддршка при Управата на полицијата на МВР на Тузланскиот кантон.

На местото на настанот интервенирале и екипи на итната медицинска помош од Живинице и Тузла. Полициските службеници затекнале поголема група лица, за кои било утврдено дека се навивачи на Црвена ѕвезда од Србија и членови на навивачката група Торцида од Хрватска.

Портпаролката на Управата на полицијата на МВР ТК, Аднана Спречиќ, изјави дека во службените простории на полицијата биле задржани вкупно 93 лица, сите припадници на споменатите навивачки групи. Дополнително било утврдено дека ниту еден од учесниците во тепачката не е од подрачјето на Тузланскиот кантон.

Според првичните информации, во инцидентот биле повредени 23 лица, меѓу кои и еден полициски службеник. За настанот било известено Кантоналното обвинителство на Тузланскиот кантон, а увидот на местото е во тек.

Надлежните институции најавуваат дека понатамошните мерки и постапки ќе се преземат согласно насоките на дежурниот обвинител.