Жестока расправа во судница: „Детето требало да биде дома“

Тензии и навреди во судница меѓу обвинети и родители на загинати деца. Емоциите ескалираа за време на сведочењето.

Тензична и емотивно наелектризирана атмосфера владееше во судницата за време на сведочењето на мајките чии деца трагично загинаа, кога дојде до жестока вербална расправа меѓу дел од обвинетите и родителите на жртвите.

Родителите, кои присуствуваа на рочиштето за да ги слушнат потресните сведоштва, бурно реагираа откако еден од обвинетите ѝ упати навредливи зборови на мајката на Надица, сугерирајќи дека токму таа требало да седи на обвинителна клупа.

Обвинетиот Огњан Георгиев, градежен инспектор, ѝ се обрати на Габриела Наунова со прашање дали некогаш го видела во дискотеката „Пулс“, по што во судницата настана вистински хаос. Родителите реагираа со довикувања и негодување, а Георгиев возврати со зборовите: „Ние ли сме веќе осудени? Ајде, стрелајте нè“.

Ситуацијата дополнително ескалира кога обвинетиот ѝ се обрати директно на мајката со реченицата: „Можеби и ти требало да бидеш тука. Детето требало да биде дома“, што предизвика бурни реакции и силен гнев кај присутните родители.

„И дете од една година може да оди на концерт“, извикуваа родителите, додавајќи закани и навреди кон обвинетите, по што судската стража мораше да интервенира за да се смири состојбата.

Претходно на рочиштето сведочеа мајки на трагично загинати деца. Мајката на Драгана Минова, која го загуби животот во кочанската дискотека, им се обрати на обвинетите со силна порака дека не бара сожалување, туку признавање на вината.

„Со вашите потписи ја запечативте судбината на нашите деца“, им порача таа, оставајќи ја судницата во тешка и мачна тишина.