Жената од видеото на концертот на Колдплеј: „Вознемирувањето никогаш не престана“
Директорка за човечки ресурси проговори по виралното видео од концерт на Колдплеј и откри дека онлајн вознемирувањето и заканите не престанале.
„Вознемирувањето никогаш не престана“, изјави директорката за човечки ресурси која беше снимена во прегратка со свој колега на големото платно за време на концерт на групата Колдплеј.
Кристин Кабот за првпат јавно проговори за видеото на кое е прегрната со Енди Бајрон, тогашен извршен директор на технолошката компанија Astronomer, за време на концерт во јули, пред двајцата нагло да се скријат од камерата.
Кабот, која во тоа време беше главна директорка за човечки ресурси во компанијата, поднесе оставка откако тоа го направи и Бајрон. Претходно, компанијата ги тргна двајцата од функциите и најави внатрешна истрага.
Во интервју за „Тајмс“, Кабот раскажа дека се обидува да најде нова работа, но дека ѝ било кажано оти е „неработоспособна“ и „непожелна за вработување“.
Видеото, на кое парот се ниша во ритамот на музиката на концертот во Фоксборо, Масачусетс, брзо стана вирално, откако фронтменот на Колдплеј, Крис Мартин, ѝ рече на публиката дека или имаат афера – или едноставно се многу срамежливи.
Снимката собра милиони прегледи, беше масовно споделувана на социјалните мрежи и стана тема на бројни шеги и мемиња.
За неколку дена интернетот продолжи понатаму, но, како што вели Кабот, нејзината вистинска агонија тогаш допрва почнала.
„Станав мим. Бев најоклеветената HR-менаџерка во историјата на човечките ресурси“, изјави таа за „Тајмс“.
Кабот откри дека во тој период била разделена од сопругот, кој исто така бил присутен на концертот.
Во одделно интервју за „Њујорк тајмс“, таа појасни дека не била во сексуална врска со Бајрон и дека тие никогаш не се бакнале пред таа вечер – иако призна дека била „вљубена“ во него.
„Донесов лоша одлука. Танцував и се однесував непримерно со мојот шеф“, рече Кабот, додавајќи дека ја презела одговорноста и поради тоа ја жртвувала својата кариера.
На прашањето зошто сега решила јавно да проговори, таа одговори дека приказната не е завршена – ниту за неа, ниту за нејзините деца.
„Вознемирувањето никогаш не престана“, повтори таа.
Кабот изјави за „Њујорк тајмс“ дека по инцидентот добивала заканувачки пораки, меѓу кои и една во која ѝ било напишано дека знаат каде купува, со порака: „Доаѓам по вас“.
„Децата се плашеа дека ќе умрам јас, а потоа и тие“, рече таа, додавајќи дека семејството почнало да ги избегнува јавните места и општествените настани.
Најжестоките критики, според неа, доаѓале од жени. Таа вели дека поголемиот дел од пораките, повиците и личните навреди биле испратени токму од жени.
Нејзините лични податоци биле објавени на интернет (доксинг), а со недели била бомбардирана со дури 600 телефонски повици дневно, пишува „Њујорк тајмс“.
Нејзините две деца, како што вели, се срамеле таа да ги земе од училиште, а папараците пред нејзиниот дом биле „како парада“. Таа примила меѓу 50 и 60 закани со смрт.
Сепак, состојбата полека почнала да се подобрува.
Кабот нашла терапевти за децата и повторно почнала да излегува од дома – меѓу другото, и да игра тенис.
Иако таа и Бајрон кратко време останале во контакт, разменувајќи „совети за справување со кризи“, Кабот рече дека заедно одлучиле дека понатамошна комуникација само би го отежнала процесот на закрепнување и движење напред – и оттогаш не разговарале.
Што се однесува до Бајрон, тој јавно не се огласи. Лажна изјава, претставена како негова и комбинирана со стихови од песна на Колдплеј, стана вирална по концертот, поради што компанијата Astronomer мораше да демантира дека дала каков било коментар.
„Astronomer е посветен на вредностите и културата кои нè водат уште од основањето“, се вели во соопштението.
„Од нашите лидери се очекува да поставуваат стандарди – и во однесувањето и во одговорноста.“
Подоцна, компанијата објави дека Енди Бајрон поднел оставка, која Управниот одбор ја прифатил.
BBC се обиде да стапи во контакт со Бајрон преку неговиот поранешен работодавач Astronomer, но до објавувањето на текстот не доби одговор.
„Лути се на мене. И можат да бидат лути до крајот на животот – тоа морам да го издржам“, рече Кабот.
Таа се запраша дали Бајрон поминал низ исто ниво на малтретирање.
„Мислам дека како жена – како што често се случува – јас го поднесов најголемиот дел од нападите“, рече таа.
„Луѓето зборуваа дека сум ‘копачка по злато’ или дека сум ‘стигнала до врвот преку кревет’, што едноставно не може да биде вистина.“
„Целиот живот сум се борела против такви стереотипи, а сега ме обвинуваат токму за тоа.“
На врвот на скандалот, нејзиниот изглед, тело, лице и облека беа под лупа, а во јавните коментари се вклучија и познати личности, меѓу кои и Вупи Голдберг.
Гвинет Палтроу, поранешната сопруга на Крис Мартин, дури учествуваше и во хумористичен промотивен спот за списанието „Astronomer“.









