Ждрепка за плејофот во Лига Шамшиони и Лига Еевропа денес во Нион
Денес во Нион се одржува ждрепката за плејофот во Лигата на шампионите и Лигата на Европа, со јасно дефинирани носители и неносители. Тимовите веќе ги знаат можните противници, а првите натпревари се играат кон средината на февруари. Победниците ќе обезбедат место во осминафиналето на европските купови.
Ждрепката за плејоф-двобоите во Лигата на шампионите е закажана за денес напладне во седиштето на УЕФА во Нион и ќе ги опфати клубовите кои завршија меѓу деветтото и 24-тото место по завршувањето на првата фаза од натпреварувањето.
Носители и неносители во Лигата на шампионите
Според одлуката на Европската фудбалска асоцијација, носители во ждрепката се: Реал Мадрид, Интер, Пари Сен Жермен, Њукасл, Јувентус, Атлетико Мадрид, Аталанта и Баер Леверкузен.
Во групата на неносители се најдоа: Борусија Дортмунд, Олимпијакос, Клуб Бриж, Галатасарај, Монако, Карабах, Боде/Глимт и Бенфика.
The road to Budapest 🏆#UCLpic.twitter.com/3rNdxy6Rys
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) January 28, 2026
Полуструктуриран систем на ждрепка
Ждрепката ќе се спроведе според полуструктуриран систем, што значи дека клубовите однапред ги знаат можните противници врз основа на пласманот во првата фаза. Така, екипите кои завршија на деветтото и десеттото место ќе играат против тимовите од 23-то или 24-то место, додека 12-топласираните и 13-топласираните ќе се соочат со екипите од 21-то или 22-то место, и така по истиот принцип.
Ждрепката за Лигата на шампионите започнува во 12:00 часот.
Термини и пат кон осминафинале
Првите натпревари од плејофот ќе се одиграат на 17 и 18 февруари, а реваншите се закажани една недела подоцна. Победниците од овие двобои ќе се пласираат во осминафиналето, каде што веќе ги чекаат директно квалификуваните клубови: Арсенал, Баерн Минхен, Ливерпул, Тотенхем, Барселона, Челзи, Спортинг и Манчестер Сити.
Ждрепка и за плејофот во Лигата на Европа
Еден час по завршувањето на ждрепката за Лигата на шампионите ќе следи и извлекувањето на паровите за плејофот во Лигата на Европа.
Носители во ова натпреварување се: Генк, Болоња, Штутгарт, Ференцварош, Нотингем Форест, Викторија Плзен, Црвена ѕвезда и Селта Виго.
Во вториот шешир ќе бидат: ПАОК, Лил, Фенербахче, Панатинаикос, Селтик, Лудогорец, Динамо и Бран.
The road to Istanbul 🗺️#UELpic.twitter.com/QFRJ7tIl00
— UEFA Europa League (@EuropaLeague) January 29, 2026
Идентичен систем и јасен распоред
И во Лигата на Европа ќе се примени истиот систем на ждрепка, со однапред дефинирани можни противници. Натпреварите од плејофот се закажани за 19 и 26 февруари.
Директен пласман во осминафиналето обезбедија: Лион, Астон Вила, Митјиланд, Бетис, Порто, Брага, Фрајбург и Рома, кои ќе ги чекаат победниците од плејоф-двобоите.









