Новиот објект ќе собира дури 135.000 гледачи, со што ќе го надмине актуелниот рекордер – стадионот Rungrado 1. мај во Северна Кореја. Дополнително, ќе биде поголем и од најавениот мегапроект во Мароко што се гради за Светското првенство во 2030 година.
Стадионот ќе се простира на површина од 73,3 хектари, а инвестицијата изнесува околу 925 трилиони донги, односно повеќе од 34 милијарди евра. Проектот претставува еден од најскапите спортски инфраструктурни зафати во светот.
Дизајнот на „Trong Dong“ е инспириран од древните бронзени тапани на културата Донг Сон, стари околу 2.500 години. Нивните препознатливи форми и декоративни детали ќе бидат интегрирани во кровната конструкција и фасадата на стадионот, комбинирајќи традиција и модерна архитектура.
Објектот ќе располага со подвижен кров, што ќе овозможи одржување концерти, фестивали и големи јавни настани во текот на целата година, без оглед на временските услови. Планирани се и современи одржливи системи – собирање и рециклирање дождовница, технологии отпорни на високи температури и значително намалување на потрошувачката на енергија.
Дополнително, стадионот ќе биде опремен со најсовремени системи за управување со толпи и безбедност на посетителите.
„Trong Dong“ е централниот дел од поширок урбанистички проект – изградба на „Олимписки спортски град“ кој ќе опфати 11 општини, а целосната реализација е планирана до 2035 година.
Премиерот на Виетнам, Фам Мин Чин, изјави дека целта е јасна – зацврстување на позицијата на земјата на мапата на најголемите светски спортски настани, со амбиција во иднина да конкурира за домаќинство на Светско првенство во фудбал и Олимписки игри.