Заминуваат рампите од Карпош, паркирањето ќе се решава со зонско паркирање

Општина Карпош почна со отстранување на рампите поставени без документација. Паркирањето во иднина ќе се решава со зонско паркирање.

Рампите поставени на повеќе локации во Карпош, со кои станарите си обезбедуваа паркинг простор, ќе бидат отстранети, со што повторно ќе се ослободат јавните површини претходно узурпирани за паркирање.

Од Општина Карпош информираат дека надлежните служби во неколку наврати излегле на терен и поставиле известувања за самостојно отстранување на рампите од страна на станарите кои ги поставиле.

Според неофицијални информации, станува збор за околу 50 рампи, додека градоначалникот на општината, Сотир Лукровски, вели дека околу 40 од нив се поставени без потребен елаборат.

Лукровски на седница на Советот на Карпош информираше дека бил одржан состанок со Градскиот инспекторат и општинскиот инспекторат, по што било одлучено сите согласности кои не се правно издржани да бидат повлечени.

„Сите согласности кои не се правно издржани ќе добијат известување за повлекување во рок од осум дена на рампите, а понатаму ќе решаваме врз која основа граѓаните можат да добијат право за поставување рампи“, изјави Лукровски.

Тој додаде дека не треба да продолжи праксата рампи да се поставуваат само со согласност од градоначалникот, без соодветна документација, бидејќи тоа не е правно издржано.

Во иднина, како што најавуваат од општината, проблемот со паркирањето во Карпош ќе се решава со воведување систем на зонско паркирање.