Загина братот на Дарко Лазиќ во тешка сообраќајка кај Шабац, уапсен возачот
Братот на пејачот Дарко Лазиќ, Драган Лазиќ, загина во тешка сообраќајна несреќа кај Шабац. Полицијата го приведе возачот на автомобилот.
Тешка сообраќајна несреќа се случила вчера во местото Белотиќ, во близина на Шабац, во која животот го загубил 32-годишниот Драган Лазиќ, брат на познатиот фолк пејач Дарко Лазиќ.
Според соопштението на Министерството за внатрешни работи на Србија, несреќата се случила околу 17 часот кога автомобил „ситроен“ управуван од 62-годишниот В.К. од Шабац се обидел од главниот пат да сврти на спореден.
Како што се сомнева полицијата, возачот му го пресекол патот на мотоциклистот кој доаѓал од спротивната насока, по што дошло до силен судир.
По ударот, Драган Лазиќ паднал од мотоциклот и се здобил со тешки повреди. Екипа на Итната медицинска помош брзо пристигнала на местото на несреќата и започнала транспорт кон болница, но тој починал во санитетското возило на пат кон медицинската установа.
Полицијата од Шабац извршила увид на местото на несреќата, а сообраќајот на делницата бил во прекин неколку часа.
По налог на надлежното обвинителство, возачот на автомобилот е приведен и му е одредено задржување до 48 часа. Против него ќе биде поднесена кривична пријава за тешко дело против безбедноста во сообраќајот.
Надлежните органи ќе утврдуваат со истрагата со која брзина се движеле возилата и дали возачот на автомобилот бил под дејство на алкохол.
Веста за трагичната смрт на Драган Лазиќ брзо се прошири на социјалните мрежи и во медиумите, предизвикувајќи голем шок кај јавноста и во семејството Лазиќ.










