Заблуди околу чувањето банани: Каде грешиме и како да спречиме прерано расипување
Дознајте како правилно да ги чувате бананите за да спречите прерано расипување. Совети за чување на собна температура, во фрижидер и замрзнување, со цел да се намали фрлањето храна и да се зачува свежината подолго.
Бананите се меѓу најзастапеното овошје во нашите кујни – идеални како брза ужина, основа за кремасто смути или главна состојка во омилениот банана-леб. Сепак, секогаш се поставува истото прашање: дали треба да стојат на кујнскиот пулт или во фрижидер?
Многумина мислат дека бананите не треба да се чуваат во фрижидер, особено ако некогаш ставиле зелена банана на ладно и добиле тврда, поцрнета и горчлива внатрешност. Причината е што бананите се тропско овошје и не поднесуваат ниски температури додека зреат. Ако се стават во фрижидер пред да созреат, процесот на зреење запира, кората потемнува, а плодот останува недозреан и со променет вкус.
Но, штом бананата ќе ја достигне посакуваната зрелост на собна температура – жолта кора, со или без кафеави точки – фрижидерот станува добар избор. Студот го забавува понатамошното зреење и ја одржува внатрешноста свежа и цврста уште неколку дена. Иако кората може брзо да поцрни, плодот внатре останува добар за јадење.
Три практични трикови за подолго свежи банани на пулт:
1. Завиткајте ги петелките
Бананите испуштаат етилен – гас што го забрзува зреењето, а најмногу се ослободува преку петелката. Завиткајте го врвот со проѕирна или алуминиумска фолија за да го забавите процесот.
2. Раздвојте ги од гроздот
Иако изгледаат убаво споени, бананите побрзо зреат кога се заедно. Презрелата банана може да го забрза зреењето на останатите, па подобро е да ги раздвоите.
3. Закачете ги на сталак
Кога лежат на рамна површина, лесно добиваат модринки и потемнуваат. Сталак или кука за банани овозможува подобра циркулација на воздух и помал притисок врз плодот.
Кога е време за фрлање (или замрзнување)?
Ако кората е напукната, има видливи оштетувања или непријатен, ферментиран мирис – бананата не е безбедна за консумирање. Но, ако е само презреана (многу мека, со темна кора без оштетувања), можете да ја излупите, исечете на кругови и да ја замрзнете во херметички затворен сад. Така може да стои и до еден месец и е одлична за домашен сладолед или смути.
Следниот пат кога ќе купите банани, оставете ги на пулт додека не пожолтат убаво, а потоа префрлете ги во фрижидер. Со мали промени во навиките не само што ќе заштедите пари, туку и ќе го намалите фрлањето храна.










