За судијата Ѓоко Ристов засега не се бара притвор – останува со имунитет
Судијата Ѓоко Ристов засега без притвор и со имунитет, и покрај пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕид. Истрагата за висока корупција продолжува.
За судијата на Апелациониот суд во Скопје, Ѓоко Ристов, во овој момент не се бара притвор, ниту пак има информации дека е задржан или лишен од слобода од страна на надлежните органи. Ристов и понатаму ужива судиски имунитет, кој може да биде симнат исклучиво со одлука на Судскиот совет, и тоа по барање на судија на претходна постапка.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) информираат дека постапката е во тек и дека конечна одлука за евентуални мерки допрва ќе се носи.
„Се продолжува со постапувањето и јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот, за што навремено ќе информираме“, соопштија од ОЈО ГОКК.
350.000 евра заѕидани во ѕид – што откри претресот во Неготино
Истражните органи денеска извршија претрес во домот на родителите на Ристов во Неготино, по наредба на судија на претходна постапка. При претресот, во соѕидан простор во ѕид, биле пронајдени 350.000 евра во готовина.
Од Обвинителството наведуваат дека постои сомнение дека парите се незаконски стекнати и прикриени, а истрагата е дел од поширок предмет за висока корупција, во кој се користат и информации од Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
„При претресот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени“, соопшти ОЈО ГОКК.
Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а во зависност од нивниот исход ќе се одлучува дали ќе се побара притвор и одземање на судискиот имунитет.
Зошто Ристов не може веднаш во притвор
Според законските одредби, судија не може да биде притворен без одлука на Судскиот совет, освен ако не е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години.
Во законот јасно стои:
„Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку пет години.“
Токму оваа законска заштита е причината поради која, и покрај пронајдената голема сума пари, Ристов засега останува на слобода.
Кој е Ѓоко Ристов и зошто е контроверзен
Ѓоко Ристов од 2020 година е судија во Апелациониот суд во Скопје, каде што во изминатите години одлучувал по најчувствителните и најполитички експонирани предмети во државата – случаи во кои обвинети беа политичари, бизнисмени и лица со значително влијание.
Паралелно со неговото судиско работење, до Судскиот совет пристигнала и претставка со наводи дека одредени предмети:
се задржувале „во фиока“
се одолговлекувале без образложение
наводно се барало мито за нивно решавање
Особено во случаи каде Ристов бил судија-известител.
Клучни предмети што го следат Ристов
„Таргет–Тврдина“
Ристов учествуваше во Апелацискиот совет кој ја укина пресудата за масовното незаконско прислушување, предмет во кој обвинет беше Сашо Мијалков. Со враќањето на предметот, случајот застаре, а државата остана без правосилна одлука за еден од најголемите скандали во историјата.
Предметот, според јавно достапни информации, девет месеци стоел во фиока, во период кога судија-известител бил Енвер Беџети, подоцна разрешен и ставен на црната листа на САД.
„Трезор“
Ристов учествуваше во одлуката за укинување на притворот на Сашо Мијалков, иако тој претходно бил недостапен за органите на прогонот, со образложение дека бил болен и не знаел дека се бара.
Случајот „Драги Рашковски“
Како член на судечкиот совет, Ристов гласаше за прифаќање имотна гаранција и укинување на притворот на поранешниот генерален секретар на Владата.
„27 април“
Со гласот на Ристов, Апелација ја потврди пресудата, но ги намали казните. Осудените и денес тврдат дека се жртви на неправична постапка и бараат повторување на судењето.
„ТНТ“ и случајот „Космос“
Ристов беше судија-известител и во предметот „ТНТ“, каде оштетениот Фијат Цановски јавно обвини дека предметот намерно се држел во фиока за да застари и да не дојде до обештетување.
Случајот со родилката Маја Кадиева
Предметот за смртта на родилката од Дојран и нејзиното новороденче три години бил нерешен, а Апелација донела одлука само една недела пред застарување, прогласувајќи ги обвинетите за виновни.
Паралелна истрага: Фехми Стафа во притвор
Во исто време, адвокатот и поранешен државен правобранител Фехми Стафа е во притвор откако во декември беше фатен со 50.000 евра, наводно дел од договорен поткуп поврзан со влијание врз судија во Апелација за ослободување на клиент.
Овој случај дополнително ја засилува сериозноста на сомнежите околу корупцијата во врвот на судството.









