Вучиќ најави: Од септември почнува евидентирање на мажите за служење воен рок

Вучиќ најави дека од септември ќе започне евидентирање на мажите за задолжителен воен рок од 75 дена, а конечната одлука ќе биде донесена во наредните два месеца.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека во наредниот месец или два ќе биде донесена конечна одлука за повторно воведување на задолжителен воен рок во траење од 75 дена.

„Разговаравме за воениот рок од 75 дена. Наскоро ќе донесеме одлука. Прашање е дали ќе почнеме со официјалното служење во декември или од март, но сигурно во следните еден до два месеци ќе излеземе со предлог пред Народното собрание. Од септември или октомври ќе започнеме со евидентирање на воените обврзници“, изјави Вучиќ.

Тој појасни дека почетокот на спроведувањето ќе зависи од подготвеноста на државата.

„Мораме да ги подготвиме сите објекти, да обезбедиме доволно опрема – оружје, униформи, чизми, регрутни и евиденциски центри. Треба да се унапредат и амбулантите, за младите луѓе тие два и пол месеци да ги поминат во најдобри услови и тоа да им остане во убаво сеќавање, но и да стекнат дисциплина, одговорност и сериозност“, истакна српскиот претседател.

Според најавениот концепт, воениот рок ќе биде организиран во три фази:

  • првите 30 дена ќе бидат посветени на основна индивидуална обука, користење лично оружје, заштитна опрема и прва помош;

  • вториот месец ќе опфати тактичка обука и дополнително гаѓање;

  • последните 15 дена ќе бидат реализирани во логорски и теренски услови.

Вучиќ нагласи дека патриотизмот и улогата на војската во општеството се клучни елементи на оваа одлука и дека целта е младите генерации да развијат чувство на одговорност и припадност кон државата.