Времето денес, променливо облачно со дожд и засилен ветер
Променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини дожд и снег. До недела релативно топло, потоа следува заладување и северен ветер.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени локални врнежи од дожд кои попладне и во текот на ноќта на повеќе места ќе бидат поизразени. На повисоките планини се очекуваат врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец, кој долж Повардарието повремено ќе засилува.
Во Скопје ќе преовладува претежно облачно време, со повремен дожд во попладневните часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер, а во одделни делови од котлината повремено засилен.
И во наредните денови продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На планините врнежите од дожд повремено ќе преминуваат во снег. Под влијание на јужен ветер температурите до недела ќе се задржат релативно високи за овој период од годината.
Од недела попладне се очекува промена на времето со засилување на северен ветер и постепено намалување на температурите.









