Вознемирувачки инцидент во Кина: Татко по расправија го фрлил детето во река

Вознемирувачки инцидент во кинеската провинција Гуангдонг, каде татко по расправија го фрлил детето во река. За среќа, мајката, таткото и детето се безбедно извлечени.

Сериозен и вознемирувачки инцидент е забележан на мост во кинеската провинција Гуангдонг, каде татко за време на расправија со сопругата го фрлил нивното дете во река.

Според странските медиуми, меѓу кои и The Sun, на снимката се гледа брачна двојка во жестока кавга, додека нивните две мали деца се наоѓаат во непосредна близина. Во еден момент, мажот во налет на бес го зема едното дете и го префрла преку оградата од мостот.

Мајката неколку секунди останува во шок, а потоа скока во реката во обид да го спаси детето. Набргу потоа и таткото влегува во водата, сфаќајќи ја сериозноста на ситуацијата. Второто дете, кое останало на мостот, сведочело на драматичните сцени.

Очевидци веднаш притрчале на помош. Според локалните извештаи, тројцата неколку минути се обидувале да останат на површината на водата, по што им бил фрлен дел од дрво за да се задржат додека пристигне помош.

За среќа, мајката, таткото и детето биле безбедно извлечени на брегот. Засега нема официјални информации дали полицијата покренала истрага за случајот.