Во Македонија се раѓаат сè помалку деца, фертилитетот падна на 1,44

Во Македонија стапката на фертилитет падна на 1,44 деца по жена во 2024 година, што е далеку под нивото потребно за природна обнова на населението.

Во Северна Македонија се раѓаат значително помалку деца од потребното за природна обнова на населението, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Во Европската Унија во 2024 година се родени 3,55 милиони бебиња, што е намалување од 3,3% во споредба со 2023 година. Вкупната стапка на фертилитет во ЕУ изнесува 1,34 живородени деца по жена, што е пад во однос на 1,38 во 2023 година.

И во Северна Македонија трендот е сличен. Стапката на фертилитет во последната деценија се намалува и од 1,52 во 2004 и 2014 година паднала на 1,49 во 2023 година и на 1,44 живородени деца по жена во 2024 година.

Оваа стапка е значително под нивото од 2,1 деца по жена, кое се смета за неопходно за природна обнова на населението, што укажува на сериозни демографски предизвици и за Европа и за нашата земја.

Според податоците на Евростат, најниска стапка на фертилитет во 2024 година во ЕУ има Малта со 1,01, додека највисока е во Бугарија со 1,72 деца по жена. По неа следуваат Франција со 1,61 и Словенија со 1,52.

Просечната возраст на жените при раѓањето на првото дете во ЕУ во 2024 година изнесува 29,9 години. Најмлада возраст е забележана во Бугарија – 26,9 години, а највисока во Италија – 31,9 години.

Во Северна Македонија жените првото дете во просек го раѓаат на 27,8 години. Трендот на подоцнежно мајчинство е видлив и во изминатите две децении – во 2014 година просечната возраст била 26,6 години, а во 2004 година 25 години.

Податоците покажуваат дека бројот на новородени деца во земјата со децении се намалува. Во 1960 година се родиле 44.095 деца, во 1970 – 37.862, во 1990 – 35.401, во 2000 – 29.308, во 2010 – 24.296, во 2020 – 19.031, додека во 2024 година се регистрирани рекордно ниски 16.061 новородено дете.