Внатрешната контрола на МВР ги проверува полицајците кои постапувале по пријавите за насилство во семејството Јовановски

Внатрешната контрола на МВР проверува како постапувале полицајците по околу десет пријави за семејно насилство во семејството на Ивана Јовановска.

Секторот за внатрешна контрола во Министерство за внатрешни работи почна проверки за постапувањето на полициските службеници кои реагирале на повеќе пријави за семејно насилство во семејството на Ивана Јовановска, која загина по пад од балкон заедно со својата шестгодишна ќерка.

Според неофицијални информации објавени од ТВ 24, станува збор за околу десет пријави кои во изминатите години биле поднесени за насилство, семејни кавги, викотници, закани и нарушување на јавниот ред и мир.

Дел од пријавите биле поднесени од самата Ивана Јовановска, дел од соседи, а во неколку случаи пријави имало и од други лица кои биле сведоци на конфликтите.

Извор од истрагата за ТВ 24 вели дека документацијата веќе е обезбедена, а од утре се очекуваат разговори со полициските службеници кои постапувале по секоја од пријавите поврзани со семејството Јовановски.

Во меѓувреме, Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека се издадени конкретни насоки за спроведување проверки и прибирање на сите релевантни информации и докази. Како еден од клучните документи во истрагата се очекува извештајот од Секторот за внатрешна контрола на МВР.

„По доставување на известување од Секторот за внатрешна контрола, обвинителството ќе изврши сеопфатна оценка на сите прибрани сознанија и без одлагање ќе донесе соодветна јавнообвинителска одлука за понатамошно постапување“, информираат од обвинителството.

Во меѓувреме, истражните дејствија продолжуваат и во предметот против осомничениот Стојанче Јовановски, кој според обвинителството седум години физички и психички ја малтретирал својата сопруга Ивана. На денот на трагедијата, според наводите, тој двапати ја претепал, по што интервенирала и полицијата.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека при полициската интервенција не биле констатирани видливи телесни повреди. Судот вчера му одреди дополнителни осум дена притвор на Јовановски.

Во меѓувреме, на видео објавено од порталот Скопје1, осомничениот беше прашан од новинари дали чувствува вина за трагедијата, но тој молчеше и реагираше со гримаси без да даде одговор.

Од МВР денеска објавија и статистика според која во последните две недели се поднесени 21 кривична пријава за вкупно 25 кривични дела поврзани со семејно насилство.

Само во Скопје се поднесени пет кривични пријави за родово базирано насилство, од кои три за „загрозување на сигурноста“, а две за кривично дело „демнење“. Изречени се и пет мерки притвор, како и една мерка претпазливост.

Според податоците на полицијата, најчесто пријавувано кривично дело е „телесна повреда“, но има и случаи на „противправно лишување од слобода“, „обид за убиство“, како и „полов напад и силување“.