ВИДЕО: Стојанче Јовановски молчеше на прашањето дали чувствува вина за трагедијата во Карпош

Видео од Стојанче Јовановски пред судот во Скопје. Осомничениот за трагедијата во Карпош молчеше на прашањата на новинарите дали чувствува вина.

Осомничениот Стојанче Јовановски, сопруг на 31-годишната Ивана Јовановска која заедно со својата шестгодишна ќерка го загуби животот по пад од балкон во Карпош во Скопје, молчешкум влезе во судот додека новинарите му поставуваа прашања.

На видеото снимено од новинарот Кристијан Ландов се гледа како Јовановски влегува во судската зграда без да даде изјава, правејќи гримаси и избегнувајќи одговори.

Тој беше прашан дали чувствува вина и дали со молчењето се брани од обвинувањата, како и дали смета дека станал „поголем маж“ со насилството кое, според наводите на обвинителството, Ивана го трпела со години. На ниту едно од прашањата не одговори.

Судот информираше дека осомничениот останува во притвор уште осум дена.

Во меѓувреме, Основно јавно обвинителство Скопје отвори истрага против Јовановски, кој е осомничен за кривични дела наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста.

Случајот е поврзан со трагедијата во Карпош, во која животот го загубија Ивана Јовановска и нејзината шестгодишна ќерка Катја.

Според обвинителството, постои основано сомнение дека осомничениот, со кого починатата била во бракоразводна постапка, во периодот од 2019 година до 2 март 2026 година континуирано ја малтретирал физички и психички, ја навредувал, тепал и понижувал.

Од прибраните докази произлегува дека насилството се интензивирало во текот на 2025 и 2026 година, поради што Ивана се нашла во безизлезна состојба.

Според наводите на обвинителството, таа го зела своето шестгодишно дете во раце и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во кој живееле, по што двете паднале на бетонската подлога пред зградата.