Улогата што му го промени животот на Семјуел Џексон

Samuel L. Jackson откри дека театарската претстава „The Piano Lesson“ била пресвртна точка во неговиот живот. Во период кога се борел со зависност од алкохол и кокаин, токму фрустрацијата од улогата на замена на Бродвеј го натерала да побара помош и да замине на рехабилитација. Подоцна станал едно од најпрепознатливите лица во Холивуд.

Кариерата на Samuel L. Jackson денес се смета за една од најуспешните во модерната холивудска историја, но зад славата и блокбастерите стои тежок период кој речиси целосно го оттурнал од филмската индустрија.

Во текот на 1980-тите, актерот се соочувал со сериозни проблеми со зависност од алкохол и кокаин, што влијаело и на неговиот приватен живот и на професионалната репутација. Улогите станувале сè поретки, а иднината во Холивуд изгледала неизвесна.

Претставата што станала пресвртница

Клучниот момент се случил во 1987 година, кога Џексон бил дел од претставата The Piano Lesson на славниот драматург August Wilson.

Иако на Broadway бил само замена за актерот Charles S. Dutton, токму тоа искуство силно влијаело врз него. Наместо да настапува пред публика, вечер по вечер ја слушал претставата од зад сцената – нешто што, според неговите зборови, психолошки го скршило.

Во интервју за LA Times, пренесено од Far Out, Џексон признал дека токму таа фрустрација го довела до точка на целосен пресврт.

„Ме излудуваше да ја слушам претставата од зад сцената секоја вечер, наместо самиот да настапувам“, изјавил актерот.

Тој открил дека ситуацијата достигнала критична точка, по што неговата сопруга го испратила на рехабилитација – одлука што, како што самиот признава, му го спасила животот.

Samuel L Jackson
Семјуел Л. Џексон. Фото: Easy-Peasy

Од рехабилитација до врвот на Холивуд

По закрепнувањето, кариерата на Џексон почнала драматично да се менува. Режисерот Spike Lee му дал шанса во филмовите School Daze и Do the Right Thing, со што актерот повторно се вратил во центарот на вниманието.

Во следните децении, тој изгради кариера исполнета со култни улоги и глобални хитови. Публиката ширум светот го препознава по филмовите Jurassic Park, Star Wars, Kingsman: The Secret Service и суперхеројската франшиза The Avengers.

Неговата трансформација често се наведува како еден од најдобрите примери во Холивуд за тоа како личната борба може да се претвори во нов почеток.

Симболично враќање на приказната

Интересно е што во 2024 година, Џексон повторно се вратил на приказната што му го променила животот. Тој се појави во филмската адаптација на The Piano Lesson, создадена за Netflix.

За многумина, тоа претставува симболично затворање на кругот – од актер кој се борел да остане на сцената, до една од најголемите холивудски ѕвезди на денешницата.