Уапсени тројца насилници од Скопје: Со електрошок нападнале поранешна девојка и нејзиното момче

Нов случај на насилство врз девојка, тројца насилници од Скопје уапсени по напад врз 23-годишна девојка и нејзиното момче во Велес, при што употребиле електрошок и тврд предмет.

Нов случај на родово базирано насилство се случил вчера во Велес, каде 23-годишна девојка пријавила напад во нејзиниот дом. Напаѓач бил нејзиниот поранешен партнер, 26-годишниот Б.Б. од Скопје, кој со себе довел двајца пријатели, 30-годишниот М.К. и 43-годишниот Д.Б., исто така од Скопје.

Според пријавата во СВР Велес, напаѓачите физички ја нападнале девојката и нејзиното сегашно момче (24), при што употребиле електрошок и тврд предмет.

По преземени мерки, полициските службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода сите тројца напаѓачи. Тие се спроведени во СВР Велес за понатамошна постапка.

Јавниот обвинител бил известен, а по целосно документирање на настанот ќе следат соодветни пријави за сторено кривично дело.