Уапсен 46-годишник од Штип: се претставувал како полицаец, одзел возило, предизвикал незгода и нападнал полицаец
Полицијата уапси 46-годишен маж од Штип кој се претставувал како полицаец, одзел возило, предизвикал сообраќајна незгода и повредил полицаец при апсењето.
Полициски службеници од СВР Штип вчера околу 09:00 часот уапсиле 46-годишен маж од Штип, кој лажно се претставувал како полицаец, одзел возило и предизвикал повеќе инциденти низ градот.
Како што соопшти Министерство за внатрешни работи, лицето Б.Х.Ј. (46) било лишено од слобода во угостителски објект на улицата „Сутјеска“ во Штип.
Според информациите, околу 08:00 часот пред влез на средно училиште во градот, осомничениот го сопрел М.А. од Штип и се претставил како полициски службеник. Тој извршил лажен претрес во службено возило „Пежо“ со штипски регистарски ознаки и потоа го одзел возилото.
Со возилото се упатил кон населбата Ново Село, а на улицата „Маршал Тито“ предизвикал сообраќајна незгода удирајќи во паркирано возило. По инцидентот продолжил кон центарот на градот.
Околу 08:45 часот на улицата „Сутјеска“, тој пресретнал жена од Штип која се движела со куче и насилно ѝ го одзел миленичето, по што се оддалечил од местото.
По преземените мерки од полицијата, возилото било лоцирано, а осомничениот приведен. При апсењето, еден полициски службеник се здобил со телесни повреди, кои биле констатирани во Клиничка болница Штип.
Од МВР информираат дека во текот на ноќта истото лице било пријавено и во уште два други инцидента – за расправија и упатување навреди, како и за оштетување банкомат во објект на улицата „Сутјеска“.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.









