Тројца лекари од Детска клиника ја испитуваат смртта на бебето од ГАК

Министерството за здравство формира стручна комисија од Детската клиника за смртта на бебето од ГАК. Вклучени се пулмолог, невролог и интензивист.

Министерството за здравство формираше стручна комисија од тројца специјалисти од Клиниката за детски болести за да го испита случајот со смртта на новороденчето на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), потврдуваат извори за „Слободен печат“.

Комисијата е составена од лекари од терциерното здравство, бидејќи Детската клиника е единствената јавна здравствена установа со законски овластувања за стручен надзор, поради високо специјализираниот кадар со кој располага.

Според информациите, во комисијата членуваат еден пулмолог, еден невролог и еден лекар специјалист по интензивна медицина, сите од Детската клиника. Тие ќе ја анализираат целокупната медицинска документација и постапките поврзани со лекувањето на новороденчето.

Случајот доби сериозни размери откако „Слободен печат“ објави интерни документи според кои бебето било реинтубирано околу 20 минути, а началничката на Одделот за интензивна нега на ГАК, д-р Елизабета Петковска, поднела пријава против педијатарката д-р Емилија Бадева. Во пријавата се наведува дека несоодветното лекување довело до компликации со смртен исход.

Паралелно со работата на стручната комисија, службата за крвни деликти веќе спроведува истрага во рамки на болницата, имајќи предвид дека постои обемна внатрешна документација, сведочења, како и записници од Комисијата за квалитет, во кои се наведуваат сериозни пропусти во лекувањето.

Во меѓувреме, завршен е и обдукцискиот наод за новороденчето, кој ќе биде еден од клучните докази во натамошната постапка.