Трагедија во швајцарско елитно скијалиште: Пожарот во Кран Монтана потсетува на кобната ноќ во Кочани

Смртоносен пожар во бар во швајцарското скијалиште Кран Монтана однесе десетици животи и потсети на трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Страшна трагедија ја потресе Швајцарија за време на новогодишната ноќ, кога разорен пожар зафати локал во ексклузивното зимувалиште Кран Монтана. Во огнената стихија животот го загубија неколку десетици луѓе, додека најмалку 100 лица се повредени. Несреќата, според многумина во регионот, морничаво потсетува на трагедијата што се случи кај нас, во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде во март минатата година загинаа 63 млади лица.

пулс кочани

Иако се работи за две различни држави и системи, сценариото е речиси идентично – пожар што започнува од плафонот и за неколку секунди го зафаќа целиот објект, оставајќи им минимални шанси за спас на присутните.

Во Кочани, за време на концерт во дискотеката „Пулс“, пиротехнички средства предизвикаа варница која го запали плафонот. Огнот се прошири со неверојатна брзина, а густ чад го блокираше единствениот излез. Снимките што тогаш се појавија на социјалните мрежи сведочеа за паниката и хаосот што настана во обидите за бегство.

„Се слушна експлозија и покривот почна да паѓа. Сите трчавме кон едните врати, кои беа и влез и излез“, изјави по трагедијата еден од преживеаните.

Слична судбина ги снајде и гостите во барот „Le Constellation“ во Кран Монтана. За време на новогодишната прослава, во преполн локал избувнал пожар, по кој следеле и неколку експлозии. Луѓето за неколку мигови се нашле опкружени со пламен и густ чад, а единствениот тесен излез и скалите дополнително ја отежнале евакуацијата.

Според првичните, неофицијални информации, пожарот настанал кога прскалки поставени на шишиња со шампањ го зафатиле дрвениот плафон. Промотивни снимки од локалот покажуваат дека ваквиот начин на сервирање бил честа пракса, користена како атракција за гостите.

Една од преживеаните, младата Ема, за медиумите раскажа дека целиот објект бил зафатен од пламен за помалку од една минута.
„Сè беше од дрво. Сите врескавме и трчавме, луѓето паѓаа еден врз друг“, изјави таа.

Швајцарските власти прогласија вонредна состојба во Кран Монтана. Иако официјалните институции соопштија дека бројот на загинати се проценува на „неколку десетици“, италијанското Министерство за надворешни работи, повикувајќи се на швајцарската полиција, наведе дека се верува оти загинале околу 40 лица.

Идентификацијата на жртвите ќе биде исклучително тешка задача, бидејќи многу од телата се со тешки изгореници. Според досегашните информации, најголем дел од настраданите се млади луѓе, меѓу кои и малолетници.

Оваа трагедија повторно го отвори прашањето за безбедноста во ноќните локали, употребата на пиротехника и контролата на запаливи материјали, потсетувајќи дека една искра е доволна за да се претвори славјето во кошмар.