Трагедија во Грција, двајца пилоти загинаа на аеромитинг

Двајца пилоти на грчкото воено воздухопловство загинаа откако борбен авион F-4E Phantom II се урна за време на аеромитингот во Танагра, северно од Атина. Трагедијата се случила пред илјадници гледачи, само неколку минути по полетувањето.

Двоседот учествувал на „Athens Flying Week“, годишен воздухопловен настан на кој се претставуваат воени и цивилни тимови од повеќе земји.

Паднал само неколку минути по полетувањето

Снимките што ги објави грчката јавна телевизија ЕРТ покажуваат како авионот изведува свртување надесно на исклучително мала височина. Неколку секунди подоцна леталото нагло губи височина, удира во земјата и експлодира.

Еден од очевидците изјавил дека авионот не бил во воздух подолго од три минути. По несреќата, преку разгласот во воздухопловната база присутните биле повикани да ја напуштат областа.

Две лица биле повредени од делови од авионот

Запалените остатоци предизвикале пожар што се проширил кон блиската шума и дел од индустриската зона. Во гаснењето биле вклучени голем број пожарникари, возила, противпожарни авиони и хеликоптери.

Првичните информации наведуваа дека нема други повредени. ЕРТ подоцна објави дека двајца мажи биле погодени од делови од авионот и биле пренесени во болница во Халкида.

Почна истрага за причините

Причината за падот сè уште не е утврдена. Надлежна комисија на грчкото воено воздухопловство ги истражува околностите, а меѓу достапните докази се снимките од несреќата и комуникацијата на пилотите со контролата на летање.

По загинувањето на двајцата пилоти, во грчките вооружени сили беше прогласена тридневна жалост.