Тошковски: Починатата разговарала со полиција, не побарала интервенција – 10 кривични пријави против осомничениот

Министерот Панче Тошковски со нови детали за трагедијата во Карпош. Осомничениот е приведен, а против него имало 10 кривични пријави.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на вонредна прес-конференција изнесе нови детали за трагедијата во скопската населба Карпош, во која животот го загубија мајка и нејзината малолетна ќерка.

Според него, на 2 март 2026 година околу 14 часот, случаен минувач пријавил дека мајка и девојче паднале од зграда, по што Министерството за внатрешни работи веднаш излегло на терен.

Тошковски посочи дека настанот имал претходница. Истиот ден во 12:05 часот била примена пријава, по што бил извршен разговор со сега починатата жена. Таа, како што информира министерот, изјавила дека станува збор за недоразбирање и дека не бара полициска интервенција, наведувајќи дека брачните односи ги решава во бракоразводна постапка. За разговорот била составена службена белешка, која таа ја потпишала.

„Сите овие околности детално се документираат и ќе бидат предмет на понатамошна анализа“, истакна Тошковски.

Лицето Стојанче Јовановски е лишено од слобода и, како што беше најавено, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Министерот информираше и дека во изминатите години од страна на СВР Скопје биле поднесени 10 кривични пријави против истото лице, и тоа за дела од насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога.

Истрагата за случајот продолжува, а надлежните институции најавуваат целосно расветлување на сите околности поврзани со трагедијата.