Тензии во Шпанија: Полицијата во Цеута брка мигранти

Тензични сцени се случуваа во шпанската енклава Цеута додека полицијата започна да преместува стотици мигранти од плажите кон нов привремен прифатен простор во пристаништето. Ограничениот број места предизвика турканици и хаотични моменти додека голем број луѓе се обидуваа да влезат во новиот центар.

Операцијата започна рано во петокот, откако властите одлучија да ги отстранат импровизираните кампови од плажите Бенитез и Ел Трамполиn, каде илјадници мигранти престојуваа на отворено по масовното пристигнување од Мароко кон крајот на јули.

Полицијата и припадници на безбедносните сили ги придружуваа групите пеш кон пристаништето, но ситуацијата брзо стана напната кога голем број луѓе се обидоа да обезбедат едно од ограничените места за сместување.

Турканици поради само 1.700 слободни места

Новиот привремен центар во пристаништето има капацитет за околу 1.700 возрасни мажи, значително помалку од бројот на луѓе кои во тој момент немаа соодветно сместување.

Во еден момент се создаде голема турканица, а полицијата се обидуваше да воспостави контрола и да го задржи движењето на групите по определената рута.

При интервенцијата биле употребени полициски палки, а според снимките од терен, во воздух биле испукани и гумени проектили за да се растера толпата и да се воспостави ред.

По првичните тензии ситуацијата се смирила, а преместувањето продолжило под полициско обезбедување.

Центарот се наполнил за само неколку часа

Привремениот простор во пристаништето бил исполнет истиот ден. Околу 1.700 лица биле сместени во поставените шатори, додека голем број мигранти кои не успеале да добијат место морале повторно да се вратат кон плажите и импровизираните засолништа.

Центарот е предвиден првенствено за возрасни мажи. Малолетниците се сместуваат одделно, што дополнително ја усложнува организацијата на приемот и грижата за луѓето кои остануваат во Цеута.

И еден ден по преместувањето, на дел од плажите сè уште имало стотици луѓе кои престојувале во импровизирани шатори и засолништа, чекајќи решение за нивниот статус и сместување.

Мигранти на плажа во Цеута покрај привремени шатори, со шпанското знаме и граничниот комплекс во позадина
Мигранти собрани на плажа во Цеута, со привремени засолништа и гранична инфраструктура во позадина. Фото: ©Readme.mk

Повеќе од 72.000 луѓе ја преминале границата

Кризата во Цеута започна кон крајот на јули, кога повеќе од 72.000 луѓе ја преминаа границата од Мароко во шпанската енклава за многу краток период.

Најголем дел од нив во меѓувреме ја напуштиле територијата, но шпанските власти проценуваат дека околу 10.000 мигранти сè уште се наоѓаат во Цеута.

Огромниот број пристигнати луѓе ги стави локалните служби под силен притисок, а недостатокот на сместувачки капацитети доведе до создавање импровизирани кампови на плажите и јавните површини.

Невладините организации предупредуваат дека и по отворањето на новиот центар, илјадници луѓе и понатаму немаат соодветно место за престој.

Цеута повторно во центарот на миграцискиот притисок

Цеута е шпанска автономна територија на северниот брег на Африка и со години е една од најчувствителните точки на миграциските движења меѓу Африка и Европа.

Последниот масовен прилив повторно ја отвори пошироката дебата за начинот на кој европските држави се справуваат со миграцијата, приемот на лица без регулиран статус и капацитетите за нивно привремено сместување.

Прашањето станува дел и од пошироката европска миграциска политика, во која земјите бараат различни модели за намалување на притисокот врз националните системи за азил и прифат.

Сликите од Цеута покажуваат дека отворањето нови капацитети засега не е доволно за целосно решавање на проблемот. Додека новиот центар веќе е исполнет, на плажите остануваат луѓе кои сè уште чекаат сместување и одлука за нивниот понатамошен статус.