Телохранител на Мицкоски обвинет за семејно насилство: Ја давел сопругата пред малолетната ќерка
Основното јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против припадник на Министерството за внатрешни работи, кој според информациите е дел од обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, поради семејно насилство врз неговата сопруга.
Од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираат дека против обвинетиот е поднесен обвинителен предлог за кривично дело „Телесна повреда“.
Според наводите на обвинителството, инцидентот се случил по претходна вербална расправија во семејниот дом, кога обвинетиот физички ја нападнал сопругата пред очите на нивната малолетна ќерка. Тој ја удирал по лицето и главата, а потоа ја фатил за вратот и почнал да ја дави.
Жената успеала да се засолни во тоалетот, а подоцна, додека се обидувала со детето да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил мобилниот телефон. Таа заедно со ќерката побарала помош кај сосетка, која ги примила во својот дом.
Од обвинителството велат дека со насилството биле предизвикани телесни повреди и психичка вознемиреност кај оштетената.
Воедно, обвинителството побарало и продолжување на мерката притвор поради опасност од бегство и можност обвинетиот да го повтори делото, особено поради фактот што живее во истиот дом со сопругата и малолетното дете.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста, особено поради тоа што станува збор за лице со полициски овластувања и дел од обезбедувањето на премиерот.

