Света Анастасија – маченица и заштитничка на жените

Која била Света Анастасија и зошто жените ѝ се молат со векови? Нејзиното страдање крие порака што и денес силно одекнува…

Постојат светителки чии животи не викаат гласно, но одекнуваат со векови. Света великомаченица Анастасија е токму таква фигура – симбол на тивка сила, непоколеблива вера и страдање што не ја скршило, туку ја воздигнало. Нејзината приказна не е само житије, туку сведоштво за отпор, пожртвуваност и духовна храброст. Денес, нејзиното име повторно станува актуелно – со причина.

Иако Света Анастасија со векови се почитува во христијанската традиција, за нејзиниот земен живот се зачувани релативно малку сигурни историски податоци. Најголем дел од преданијата се оформиле по нејзината маченичка смрт, но сите се сложуваат околу едно: нејзината вера била посилна од секое страдање.

Според црковното предание, Анастасија била родена во Рим, во богато и влијателно паганско семејство. Нејзиниот татко бил римски сенатор, додека мајка ѝ тајно била христијанка. Токму таа имала клучна улога во духовното оформување на Анастасија, која уште во младоста се крстила и ја прифатила христијанската вера – чин што во тоа време значел живот во постојан ризик.

Против својата волја, по наредба на татко ѝ, Анастасија била омажена за угледниот паганин Публиј. Според преданието, таа одбивала брачни односи, решена да му остане верна на Христос. Оваа одлука ја чинела скапо: мажот ја понижувал, ја затворал, ја измачувал и ја изгладнувал, особено кога дознал дека тајно ги посетува христијанските затвореници и им носи помош во тамниците.

Нејзината судбина се променила кога Публиј бил испратен во Персија, каде што починал за време на патувањето. По неговата смрт, Анастасија наследила големо богатство, но не го задржала за себе. Напротив, сè што имала го разделила на сиромашните и на прогонуваните христијани, слободно посетувајќи затвори, негувајќи болни и тешејќи ги оние што страдале заради верата.

Во желба да им помогне на што повеќе верници, Анастасија отпатувала и во Македонија. Преданието го бележи и настанот со управителот Улпијан, кој посакал да ја земе за себе, но, според народното верување, ослепел и починал – што било протолкувано како божја казна.

Поради својата вера, Света Анастасија повторно била уапсена и осудена на смрт со изгладнување. Се верува дека во затворот поминала 30 дена без храна, но чудесно преживеала. Потоа, заедно со други христијани, била одведена на брод кој намерно бил потопен, но и од таа смрт, според преданието, била спасена со божја промисла.

Своето земно страдање таа го завршила во 204 година, во Сирмиум – на просторот на денешна Сремска Митровица. Според преданието, била мачена така што со рацете и нозете била врзана за колци и изгорена, останувајќи до крај верна на Христос.

Во македонскиот народ, Света Анастасија се почитува како заштитничка на жените. Македонската православна црква го одбележува нејзиниот празник на 22 декември според јулијанскиот, односно на 4 јануари според грегоријанскиот календар.

Со овој ден не се поврзуваат многу народни обичаи, но постои верување дека жените треба да ѝ се помолат на Света Анастасија со следната молитва:

„Овчице Твоја, Исусе, Анастасија со силен глас Те повикува:
Тебе, Женику мој, Те љубам и, барајќи Те, страдам.
Се распнувам и се погребувам со Тебе во крштевањето Твое.
Страдам заради Тебе, за да царувам со Тебе,
и умирам заради Тебе, за да живеам со Тебе.
Прими ме како чиста жртва, од љубов принесена за Тебе.“