Сведоштво во суд: Наставничката за Катја раскажува, Стојанче плачеше

Наставничка од училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ сведочеше дека институциите биле известени за сомнежи за семејно насилство, откако детето во игра опишало сцени од домот. Во судницата, обвинетиот Стојанче Јовановски емотивно реагираше за време на исказот.

Судењето поврзано со трагичните настани од 2 март продолжи со сведочење на наставничката на шестгодишната Катја, која пред судот изнесе детали за однесувањето на детето и комуникацијата со семејството.

Пријави и реакции во училиштето

Според сведочењето, училиштето Јохан Хајнрих Песталоци имало сознанија за можни проблеми во семејството, откако загриженост била пренесена од страна на мајката на Ивана. По тие информации, училишниот психолог препорачал да се следи состојбата на ученичката.

Наставничката опиша ситуација во училница кога, за време на игра, детето паднало на подот и објаснило дека така се случува кога таткото ја удира мајката. По овој настан, веднаш бил известен психологот, кој разговарал со детето и подоцна и со мајката, упатувајќи ја кон институциите за заштита.

-По неколку дена во училницата девојчињата играа игра и забележав дека при играта Катја падна на подот. Ја прашав дали играат некоја игра во смисла на драматизација на приказна. Катја рече дека татко ѝ кога ја удира мајка ѝ, таа така паѓа. Веднаш го известив психологот на училиштето и тој разговараше со Катја во нејзината канцеларија. Катја ѝ рекла дека нејзините родители се разделени, а таа е со мајката. Потоа психологот ја повика на разговор и Ивана и ја упатила каде да се обрати во случај на семејно насилство, а нам ни рече да внимаваме на Катја – рече наставничката.

Однесувањето на детето

И покрај ваквите наводи, наставничката истакна дека Катја во училиште се однесувала како и другите деца – била дружељубива, отворена и ведра. Не покажувала знаци на повлеченост или вознемиреност, а нејзините цртежи биле исполнети со светли бои и позитивни мотиви.

Сепак, во рамки на наставните активности, детето најчесто ја прикажувало само мајката во своите цртежи, објаснувајќи дека живее со неа.

Настани пред Нова година

Во сведочењето беше споменат и настан кога обвинетиот Стојанче Јовановски дошол во училиштето барајќи контакт од родител на друго дете. Бил одбиен со образложение дека проблемите ќе се решаваат институционално.

Наставничката опиша и момент кога двајцата родители се појавиле заедно во училиштето, при што детето реагирало радосно.

-Пред Нова година, кога во училница, каде што не е дозволено да влегуваат родители, влезе татко ѝ, Катја кога го виде се израдува, го поведе кон шкафчињата каде што ѝ се работите. Учениците беа околу нив и му дадоа комплимент дека е многу дотеран. По неколку минути влезе и Ивана и заедно си заминаа – рече наставничката.

Емоционална реакција во судницата

За време на сведочењето, обвинетиот Јовановски емотивно реагираше и започна да плаче додека се изнесуваа детали поврзани со детето.

Последниот ден

Според исказот, на 2 март, Ивана дошла во училиштето и ја зела Катја по завршување на наставата. Наставничката истакна дека детето било видно радосно, како и секогаш кога мајката доаѓала по неа.

Судењето продолжува со нови сведочења и докази кои треба да дадат појасна слика за настаните што му претходеле на трагичниот исход.