Сведочење за трагедијата: „Ивана беше на видео повик пред да падне од тераса“
Драматично сведочење на рочиште: сведокот тврди дека непосредно пред трагедијата, Ивана била на видео повик со сопругот, додека била во тешка психичка состојба и под закани.
Во судница денеска сведочеше Мартин Саздов, кој изнесе нови детали за настаните од 2 март, поврзани со покојната Ивана Joвановска и обвинетиот Стојанче Јовановски.
Видео повик во клучните моменти
Според сведочењето, Ивана заедно со својата ќерка била на видео повик со сопругот непосредно пред трагичниот настан.
„Ја видов како стои со детето во раце на терасата и веднаш сфатив што ќе направи. Викнав да не прави глупост и почнав да трчам“, изјави Саздов.
„Ивана на камера му ѕвонеше. Јас ѕирнав што се случува на телефонот на Стојанче. Ја видов Ивана како стои со Катја во раце на терсата и одма сфатив што ќе направи. Само викнав Ивана немој да си направила глупост. Почнав да трчам накај влезот и само слушнав силен удар” – сведочеше Мартин Саздов.
Саздов видел дека станува збор за Ивана и Катја и барал помош, а Стојанче според неговите зборови се упатил кон главната улица. На што Стојанче возврати дека немал храброст затоа се упатил во тој правец.
Обвинувања за закани и притисоци
Сведокот тврди дека Ивана подолг период била изложена на закани, вклучително и:
- закани за објавување приватни експлицитни видеа
- притисоци поврзани со детето и станот
- вербални закани за физичка пресметка
Според него, Ивана била во сериозна психичка криза и изразувала страв за својата безбедност.
Тврдења за физичко насилство истиот ден
Саздов сведочеше дека истиот ден имало и физички напад врз Ивана, прво пред работното место, а потоа и додека се движеле кон суд.
Тој тврди дека Ивана во еден момент изгубила свест, а подоцна повторно побарала помош од полицијата.
Реакција на институциите
Според сведочењето, по разговор со полицијата, им било кажано сами да го решат проблемот, а подоцна, како што тврди сведокот, Ивана била предупредена да не пријавува повторно.
“Ја прашав Ивана кој ти се заканува она стоеше со главата надоле и молчеше. И кажав на Ивана кажи им на полицајците кој ти се заканува. Полицајците почнаа да и викаат ако уште еднаш пријавиш ќе ти пишеме казна за лажно пријавување. Им реков на полиајците немој да и пишувате казна оставете ја да си оди,” рече Саздов
Претходни закани и страв
Саздов изјави дека Ивана му кажувала за закани дека ќе биде повредена, како и дека обвинетиот покажувал оружје и изразувал агресивно однесување.
Тој додаде дека насилството се интензивирало по настан поврзан со наводна пријава за дрога.
- „Ние никогаш не сме го местеле него. И викаше на Ивана ако одам во затвор ќе искочам ќе те убијам тоа го збореше и претходно. Ивана ми кажа дека Стојанче зборел цело време и претходните денови Стојанче и се заканувал дека кога ќе излезе од затвор ќе ја убие и покажувал пиштол. Ми викаше „не знаеш Мартин каков психопат е ќе не убие“. Јас и реков не се секирај се ќе решат институциите се што треба,” рече сведокот Саздов.
Случајот продолжува
Судењето продолжува со дополнителни сведочења и докази, кои треба да ја расветлат целосната слика за настаните од 2 март.









