Свечено затворени ЗОИ во Милано и Кортина: Норвешка најуспешна, САД втори

Свечено затворање на ЗОИ во Верона. Норвешка со најмногу медали, САД втори. Претставени домаќините на ЗОИ 2030 во француските Алпи.

Свечената церемонија на затворање на 25. Зимски олимписки игри во Милано и Кортина д’Ампецо се одржа вечерва во арената во Верона, под мотото „Убавина во акција“.

Настанот започна со звуците на операта „Травијата“, по што следуваа познати италијански арии и внесување на италијанското знаме. Дефилето на спортистите беше проследено со италијанска музика и сценски настапи на балетанот Роберто Боле, кантавторот Акилe Лауро, актерката Бенедета Поркароли, пијанистката Глорија Кампанер и ди-џејот Габри Понте.

Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, истакна дека Олимписките игри ѝ донеле на земјата незаборавни емоции и чувство на гордост. Претседателката на Меѓународниот олимписки комитет, Кирсти Ковентри, со својот говор официјално ги прогласи Игрите за затворени и упати покана до младите од целиот свет да се соберат на следните Зимски олимписки игри во 2030 година во француските Алпи.

Во рамки на церемонијата беше претставен и сегментот „Нова зора“, со кој симболично беа најавени следните домаќини на ЗОИ 2030. Олимпискиот пламен беше изгаснат, а градоначалниците на Милано и Кортина ја предадоа олимписката знаме на претседателката на МОК, по што таа беше предадена на претставниците на идните домаќини.

Најуспешна репрезентација на овие Зимски олимписки игри беше Норвешка со вкупно 41 медал (18 златни, 12 сребрени и 11 бронзени). Второ место освои Соединетите Американски Држави со 33 медали (12 златни, 12 сребрени и 9 бронзени).