Судијата Ѓоко Ристов криел 350.000 евра зад ѕидна плочка во кујната – полицијата откри детали од претресот

Полицијата откри 350.000 евра скриени зад ѕидна плочка во домот на родителите на судијата Ѓоко Ристов. Поднесена е кривична пријава за противправно стекнување и перење пари.

Судијата од Апелациониот суд во Скопје, Ѓоко Ристов, се соочува со сериозни обвиненија за противправно стекнување и прикривање имот, откако полицијата во домот на неговите родители во Неготино пронашла 350.000 евра во кеш, скриени во ѕид.

Министерството за внатрешни работи информира дека против Ристов (53), со живеалиште во Скопје, е поднесена кривична пријава поради основано сомнение за сторени кривични дела „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“, согласно одредбите од Кривичниот законик.

Според соопштението, во периодот од 10 февруари 2020 година до денес, Ристов, во својство на службено лице – судија во Апелациониот суд Скопје, спротивно на законската обврска за пријавување на имотната состојба и нејзините промени, давал неточни податоци за својот имот и за имотот на членовите на неговото семејство. Истражните органи наведуваат дека вредноста на овој имот во голема мера ги надминувала неговите законски приходи.

Полицијата откри и како била пронајдена големата сума пари. На 18 јануари 2026 година, врз основа на судска наредба издадена од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, а во координација со надлежен јавен обвинител, бил извршен претрес во домот на родителите на Ристов во Неготино.

При претресот, на првиот кат од куќата, во кујнската просторија, биле забележани сомнителни траги од неодамнешни градежни интервенции, односно корекција на ѕидните плочки. По отстранување на една керамичка плочка, истражителите откриле дупка во ѕидот во која биле скриени алуминиумски ролни во форма на цилиндри.

Во нив биле пронајдени 13 поединечни пакувања со вкупно 610 банкноти во апоени од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра, односно вкупна сума од 350.000 евра.

Истрагата за случајот е во тек, а надлежните институции најавуваат понатамошни постапки за утврдување на потеклото на средствата и евентуална одговорност.