Стојанче Јовановски ја бутнал Ивана по скали на Клиниката за дигестивна хирургија
Стојанче Јовановски, осомничен за наведување на самоубиство, на 19 јануари ја турнал сопругата Ивана по скали на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје.
Стојанче Јовановски, кој е осомничен за наведување на самоубиство на сопругата Ивана Јовановска, која заедно со својата ќерка скокна од балкон на зграда во скопско Тафталиџе, на 19 јануари годинава ја турнал по скали додека таа била хоспитализирана на Клиника за дигестивна хирургија при Клинички центар „Мајка Тереза“.
Ова за „Слободен печат“ го потврдиле доброупатени извори кои располагаат со документ – отпусно писмо, во кое е наведено дека имало и сведоци на настанот.
Според информациите, Јовановска била хоспитализирана на клиниката од 15 јануари. Јовановски дошол во посета, но набргу потоа, пред болничар и пред нивното дете, ја турнал сопругата по скалите, при што таа паднала во бесознание.
Од Клиника за дигестивна хирургија веднаш била повикана полиција, а со Јовановска разговарале и две службенички од Центар за социјални работи Скопје.
Според изворите, Јовановски не бил уапсен по настанот, туку го зел детето од болницата и си заминал.









