Смртоносен вирус на луксузен брод: шок на океанот
Луксузното истражувачко крстарење се претвори во кошмар на отворено море, откако смртоносен вирус го зафати бродот и однесе човечки животи. Патувањето што требаше да биде авантура од соништата сега е под строга контрола и неизвесност.
На експедицискиот брод Hondius, кој пловел на рутата „Атлантска одисеја“, се пријавени смртни случаи и сомнителни инфекции со хантавирус, додека пловилото се наоѓа во близина на Зеленортски Острови и чека дозвола за евакуација.
Што се случи на бродот?
Според информации од Светска здравствена организација, се претпоставува дека патниците се заразиле за време на екскурзии во дивина. Досега се потврдени три смртни случаи – брачен пар од Холандија и еден германски државјанин.
Бродот е ставен под највисок степен на здравствена тревога, а дел од патниците се во изолација со симптоми.

Луксуз што чини илјадници долари
Иронијата е уште поголема ако се земе предвид дека станува збор за ексклузивно патување со висока цена. Крстарењата на овој брод достигнуваат од околу 7.800 до над 19.000 долари по лице, зависно од програмата.
Најекстремните пакети, кои вклучуваат активности како кампување, кајак и скијање на Антарктикот, достигнуваат речиси 18.000 долари.
Научна експедиција наместо класичен туризам
За разлика од класичните крузери, Oceanwide Expeditions нуди научно ориентирани патувања. На бродот се одржуваат предавања од биолози, геолози и други експерти, со фокус на истражување и едукација.
Но, во моментов, научната атмосфера е заменета со медицински протоколи, изолација и неизвесност.
Како се развиваше кризата?
Првиот смртен случај бил регистриран на сред Атлантик, кога постар патник починал на бродот. Подоцна, неговата сопруга починала по симнување на копно, додека трета жртва сè уште се наоѓа на пловилото.
Идентификувани се најмалку седум сомнителни случаи, а дел од пациентите се во тешка состојба.
Борба за спречување на ширење
Со околу 170 патници и 61 член на екипаж, бродот функционира како изолиран систем. Активирани се строги мерки – од термални проверки до ограничување на движењето.
Целта е да се спречи понатамошно ширење на вирусот додека се чека безбедна евакуација и целосна дезинфекција.
Овој случај повторно отвора прашања за безбедноста на екстремните туристички патувања и ризиците што ги носат, особено кога станува збор за контакт со дивина и изолирани подрачја.

