СКАНДАЛ НА ЗОИ: Финска бара поништување на резултатите

Финска поднесе жалба поради недозволени „помагала“ користени од Норвешка и САД во машкиот спринт на ЗОИ. Можно е поништување на резултатите и одземање медали.

Голем спортски скандал ја потресе машката трка во спринт во крос-кантри скијање на Зимски олимписки игри Милано–Кортина, откако Финска поднесе официјална жалба поради, како што тврди, нееднакви услови за натпреварување и недозволени предности што ги имале Норвешка и САД.

Според финската делегација, во сервис-зоната за време на квалификациите биле прекршени правилата. На Норвежаните, како што наведуваат, им било дозволено да користат посебен котел за загревање восок – опрема што не им била дозволена на другите репрезентации. Истовремено, Американците во сервис-зоната користеле течност за отстранување восок, која според правилата е забранета за време на натпревар.

Иако Меѓународната скијачка федерација (FIS) реагирала со официјално извинување, Финска смета дека тоа не е доволно. Дополнителна причина за незадоволство е фактот што токму спорните репрезентации ги освоија медалите – двајца Норвежани завршија на прво и трето место, додека Американец го освои среброто.

„Сакаме овие неправилности да се расчистат до крај. Правилата мора да важат еднакво за сите. Ако две репрезентации имале предност, тогаш тоа не е фер натпреварување. Обично извинување не значи ништо“, изјави директорката на Финската скијачка федерација, Марлена Валцола.

Финците бараат детална истрага и јасен одговор дали правилата биле прекршени, а во јавноста веќе се споменува можност за поништување на резултатите или дури одземање на освоените медали. Засега, FIS не најави конкретни санкции, туку само потврди дека случајот е разгледан.

Овој инцидент повторно го отвори прашањето за транспарентноста и контролата во сервис-зоните, каде што мали технички детали можат да направат огромна разлика во крајниот пласман. Финска инсистира дека доколку не следуваат конкретни мерки, ќе се испрати опасна порака дека прекршувањата можат да поминат неказнето.

Епилогот сè уште е неизвесен, но скандалот веќе фрли сенка врз натпреварувањата и го стави под прашање кредибилитетот на резултатите во една од најпрестижните дисциплини на Зимските олимписки игри.