Што значи ако денес нема ветер: Го славиме празникот Свети Три Јерарси

Православните верници го одбележуваат празникот Свети Три Јерарси. Според народните верувања, ветерот на овој ден ја предвидува годината, а ако нема ветер – се очекува мирен и радосен период.

Православните верници на 12 февруари го одбележуваат празникот Свети Три Јерарси – ден посветен на тројцата големи учители на Црквата: Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст. Иако секој од нив има свој посебен празник, овој ден ги обединува во знак на нивната духовна големина и заедничко значење.

Историја на празникот

Празникот бил востановен во XI век, за време на византискиот цар Алексиј Комнин. Во тоа време постоеле поделби меѓу верниците околу тоа кој од тројцата светители заслужува поголема почит. Едни го истакнувале Василиј поради неговата храброст и строгост, други Григориј поради длабочината на богословската мисла, а трети Јован Златоуст поради неговата дарба за беседништво.

Според преданието, спорот бил надминат кога епископот Јован од Евхаита имал видение во кое тројцата светители му порачале дека се едно во Бога и дека меѓу нив нема прв или втор. По ова, бил составен заеднички богослужбен чин, а 12 февруари (30 јануари по стар календар) бил определен како ден на нивното заедничко чествување.

Обичаи и народни верувања

Во народната традиција, Свети Три Јерарси се сметаат за заштитници од студени ветрови и мразови. Постојат верувања дека времето на овој ден ја навестува годината што следи:

  • Јужен ветер – најавува плодна и успешна година.

  • Северен ветер – претскажува студена и тешка година.

  • Источен ветер – се поврзува со недостиг и поскромен род.

  • Западен ветер – симболизира изобилство, особено во храна.

  • Ако нема ветер – се верува дека годината ќе биде мирна, тивка и радосна.

Во некои краишта, сточарите на овој ден се собираат и свират на фрула, како знак на благодарност и почит кон светителите.

Значењето денес

Празникот е означен со црвено слово во црковниот календар и кај многумина се слави и како куќна слава. За верниците, овој ден претставува можност за молитва, духовно зајакнување и потсетување на учењата што овие тројца светители ги оставиле како трајно наследство.

Доколку денес нема ветер, според народното верување, тоа е добар знак – навестување за спокојна и благословена година.