Шокантна исповед на олимписка шампионка: „Бев силувана две недели пред златото, кучето ми го спаси животот“

Параолимписката шампионка Карина Едлингер откри дека била жртва на тежок напад само две недели пред да го освои златото на Параолимписките игри во Пекинг 2022.

Светот на спортот е потресен од тешката исповед на параолимписката шампионка Карина Едлингер. 27-годишната спортистка од Австрија, која од оваа сезона настапува под знамето на Чешка, откри дека доживеала страшна траума само две недели пред да го освои златниот медал на Параолимписките игри Пекинг 2022.

Она што за јавноста изгледало како врв на спортската кариера и триумф на силната волја, всушност криело длабока лична болка. Првите информации за случајот ги објави Forbes Austria, а Едлингер подоцна ги потврди во интервју за Laola1.

„Преживеав многу мрачни моменти, вклучувајќи и период во австрискиот спорт. Однадвор изгледав како успешна млада спортистка која освојува сè, но она што се случува во човекот, зад таа фасада, е сосема друга приказна“, изјави таа.

Едлингер призна дека траумата е толку длабока што дури и симболот на нејзиниот најголем успех ѝ предизвикува болка.

„Многу работев со психолози дури и на самиот збор ‘Кина’. Златниот медал од Пекинг никогаш повеќе не сум го погледнала“, рече таа.

По завршувањето на игрите во Пекинг, спортистката веднаш започнала долг процес на закрепнување и поминала 14 недели на интензивна терапија.

„Од Пекинг заминав директно на терапија. Никој не сака да зборува за менталното здравје, бидејќи веднаш ве етикетираат. Луѓето забораваат дека зад секој спортист стои човечко суштество“, истакна Едлингер.

Во најтешките моменти најголема поддршка ѝ бил нејзиниот куче-водич, бидејќи спортистката има сериозни проблеми со видот поради ретката болест Старгардтова болест, која предизвикува постепено губење на видот.