Шок во Германија: Платите ќе се „топат“, некои работници ќе губат и до 2.000 евра годишно

Германија се соочува со можен раст на социјалните придонеси до 50% од бруто-платата, што може да ја намали нето-заработката на работниците и да предизвика загуби до 2.000 евра годишно.

Во следните десет години придонесите за здравствено, пензиско и осигурување за невработеност во Германија би можеле да пораснат до дури 50 отсто од бруто-платата, покажува најновата анализа на Институтот ИГЕС, изработена за здравствената осигурителна компанија ДАК.

Во моментов, за социјални придонеси се издвојуваат 42,7 отсто од бруто-заработката, при што половина од сумата ја плаќа работодавачот. Доколку не бидат преземени сериозни реформи, милиони вработени до 2035 година ќе располагаат со значително помал нето-приход, бидејќи придонесите ќе продолжат да растат.

Колку ќе загубат работниците?

Според проценките, работник со бруто-плата од 2.500 евра моментално плаќа околу 533,75 евра месечно за социјални придонеси. Во иднина таа сума би можела да порасне на 625 евра, што значи зголемување од 91,25 евра месечно или 1.095 евра годишно.

Кај оние со бруто-плата од 3.500 евра, зголемувањето би изнесувало околу 127,75 евра месечно, односно 1.533 евра годишно.

Најголем удар би почувствувале работниците со бруто-плата од 4.500 евра, кои би морале да издвојуваат дополнителни 164,25 евра месечно, што на годишно ниво изнесува дури 1.971 евро повеќе.

Нетo-платите ќе паѓаат

Експертите предупредуваат дека со растот на придонесите директно ќе се намалуваат нето-платите, што ќе влијае врз куповната моќ на граѓаните и ќе создаде дополнителен притисок врз средната класа.

– Овој драматичен развој мора да биде последното сериозно предупредување за сите вклучени страни дека се неопходни итни и решителни реформи – изјави извршниот директор на ДАК, Андреас Шторм, за германските медиуми.

Доколку германската влада не преземе конкретни мерки за стабилизација на системот за социјално осигурување, се очекува товарот врз работниците и работодавачите да продолжи да расте во наредната деценија.