Се огласи братот на починатата жена од Карпош: Обвинува за институционален пропуст и долгогодишно семејно насилство

Братот на починатата жена од Карпош обвини за институционален пропуст и долгогодишно семејно насилство. Истрагата е во тек.

По трагичниот настан во скопската населба Карпош, во кој животот го загубија мајка и нејзината малолетна ќерка, со јавна реакција се огласи братот на починатата жена. Во емотивна порака, тој изнесува сериозни обвинувања за институционален пропуст и тврди дека неговата сестра и внука со години биле жртви на семејно насилство.

„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство. Денес се случи убиство“, напиша тој, додавајќи дека, според него, потфрлиле институциите, вклучително и Министерство за внатрешни работи и социјалните служби.

Тој тврди дека во изминатите години имало повеќекратни пријави за физичко и психичко насилство, закани, па дури и обид за убиство во државна институција. Според неговите наводи, и покрај пријавите, не биле преземени соодветни мерки за заштита.

„Државата овозможи да згаснат млади животи. Ве молам да не шпекулирате што се случило. Никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај“, наведува тој во пораката, апелирајќи до јавноста и медиумите да посветат внимание на случајот.

Братот посочува дека неговата сестра требало повторно да се јави во социјалните служби во текот на денот кога се случи трагедијата, поврзано со претходните пријави и постапки.

Од надлежните институции засега нема дополнителни информации во врска со овие тврдења. Истрагата за настанот е во тек, а повеќе детали се очекуваат по нејзиното завршување.