„Сѐ би дал да ги вратам назад“: Солзи во случајот Јовановски

Судницата денес повторно беше сцена на силни емоции и спротивставени тврдења во предметот против Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана, чиј живот заврши трагично заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја.

Во завршните зборови, обвинетиот настапи емотивно, тврдејќи дека не чувствувал никаква намера ниту можност да влијае врз исходот на трагедијата. Тој побара судот критички да ги разгледа изјавите на сведоците, кои, според него, се пристрасни, контрадикторни и произлегуваат од лични односи и конфликти.

Емоционален исказ на обвинетиот

Стојанче Јовановски изјави дека никогаш не постоеле закани или притисоци кон неговата сопруга, ниту пораки кои би укажувале на насилство или присила. Тој нагласи дека Ивана имала решено станбено и финансиско прашање и дека не била во зависна положба.

 “Мојата сопруга не била во подредена положба, имала финансиско и станбено решение, не била присилена од моја страна од никаков аспект што би ја довел во ситуација да изврши ваква трагедија. Не сум ја поттикнувал ниту охрабрувал ниту сум можел да го предвидам истото бидејќи не сум бил свесен дека оваа трагедија би можела некогаш да се случи. Никогаш немаше да ги оставам сами во нашиот стан, да не бев присилно изваден од станот од страна на Мартин Саздов.”

Во емотивен момент пред судот, Јовановски рече дека не може да го прифати исходот од трагедијата и дека би дал сè за да ги врати сопругата и детето.

“Братот на мојата сопруга јасно изјави дека мојата сопруга имала станбено решение и дека нивните детски соби биле уредени за прикладен живот на мојата сопруга и мојата ќерка. Се би дал да можам да го вратам моето дете и мојата сопруга и целото побарување што го имаат мајката и братот без проблем ќе им го дадам, не ми значи ништо материјалното”, низ солзи рече Јовановски.

Спор околу доказите и сведочењата

Одбраната остро ги оспори наодите на обвинителството, тврдејќи дека нема директна медицинска документација која го поврзува обвинетиот со повредите од критичниот ден. Според нив, вештачењата укажуваат дека дел од повредите се постари и не се резултат на конкретниот настан.

Адвокатот Давор Ангелевски посочи дека сведоците не биле директни очевидци, туку давале изјави базирани на слушања и посредни информации.

Правна аргументација на одбраната

Одбраната го оспорува и делото за наведување на самоубиство, наведувајќи дека не се исполнети законските елементи за постоење на такво кривично дело. Според нив, клучен услов е постоење на однос на зависност или подреденост, што во овој случај, како што тврдат, не постои.

Тие дополнително нагласија дека односот меѓу сопружниците бил рамноправен, без правна или фактичка зависност која би можела да создаде таква правна квалификација.

Критики кон јавноста и медиумскиот притисок

Во завршните излагања, вториот бранител на Јовановски, Митко Солаков, зборуваше и за влијанието на јавноста и медиумите врз постапката. Тој оцени дека јавниот притисок создава дополнителна тежина врз судот, иако изрази увереност дека одлуката ќе биде донесена независно.

Според одбраната, случајот е дополнително усложнет од таканаречен „љубовен триаголник“, кој, како што тврдат, има влијание врз настаните што довеле до трагедијата.

 “Евидентно е дека Стојанче е насилен, тоа е факт. Евидентно е дека имаме за точка 1 и 2 безброј материјални и вербални докази за неговата суровост по однос на жртвата. Но, би сакал да истакнам дека не може да го црниме Стојанче зашто има една бела точка а тоа е љубовниот тријаголник. Лицето Мартин,  сведокот кој глумеше лудило пред овој суд – слушам дека ОЈО требаше паралелно и него да го обвини. Тој имаше придонес за точката 3. Почитуван суде, во мојот живот од 71 година не ми требаат психијатри и психолози, за лично да оценам дека жртвата критичниот ден била доведена во безизлезна состојба а каде се наоѓа таа безизлезност  – точно во љубовниот тријаголник. Ако сведокот Мартин не бил во тој тријаголник, жртвата ниту би се довела во безизлезна состојба и да направи таков чекор. Пак апелирам до вас да го примените правото и правдата”, рече адвокатот Солаков.

Судска постапка под силен притисок

Предметот продолжува да предизвикува силни реакции и во правната и во јавната сфера. Судот сега треба да ги оцени сите докази, сведочења и правни аргументи пред да донесе одлука во еден од најчувствителните случаи во последниот период.