Рекордна заплена од 27 тони марихуана во Македонија

Во координирана акција на МВР и Обвинителството запленети се околу 27 тони марихуана во Скопје и Струмичко. Се работи за најголема конфискација на дрога досега во земјава.

Голема полициска операција за сузбивање на организиран криминал се спроведува на повеќе локации во земјава, при што, според првичните информации, се одземени околу 27 тони марихуана. Акцијата ја реализира Министерството за внатрешни работи под раководство на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, како резултат на повеќемесечна истрага насочена кон мрежа осомничена за нелегално производство и трговија со дрога.

Според сознанијата од истрагата, приближно 10 тони марихуана биле пронајдени и одземени во објект во Скопје, додека паралелно се вршат претреси и конфискации на дополнителни количини во Струмичкиот регион. Со втората фаза од акцијата се одземаат уште околу 18 тони, со што вкупната количина достигнува приближно 27 тони наркотична дрога.

Надлежните служби денеска имаат засилено присуство во кругот на поранешниот индустриски комплекс ОХИС, каде што се вршат истражни дејствија, а на терен се и обвинителски тимови и медицински екипи.

Компанија под истрага

Во фокусот на истражните органи е компанијата „Алфафарм ДОО Скопје“, регистрирана во 2023 година со дејност одгледување и преработка на ароматични и лековити растенија за фармацевтска употреба. Според податоците од Централниот регистар, фирмата располага со основна главнина од околу 529 илјади евра и има повеќе сопственици.

Посебно внимание привлекува фактот што во сопственичката структура на компанијата биле направени измени непосредно пред откривањето на пратка марихуана во Србија, што дополнително го насочило интересот на истражителите кон нејзиното работење.

Поврзаност со заплената во Србија

Операцијата во Македонија следува по настаните од пред неколку дена, кога српските власти соопштија дека заплениле околу пет тони марихуана за која се сомнева дека потекнува од Македонија и била наменета за пазарот во Србија. Дрогата била пронајдена во магацин поврзан со семејство во околината на Крушевац.

Во Србија, според официјалните информации, осомничени се пет лица за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, од кои две лица засега се недостапни за органите на прогонот.

Очекување на официјални информации

Од Министерството за внатрешни работи и од Обвинителството засега не соопштуваат детали за бројот на осомничени и за конкретните кривични дела во Македонија, со образложение дека истражната постапка е во тек. Надлежните најавуваат дека јавноста ќе биде информирана по нејзиното целосно завршување.

Според досегашните неофицијални податоци, станува збор за најобемна заплена на марихуана досега регистрирана во земјава, што ја прави оваа акција преседан во борбата против организираниот криминал и нелегалната трговија со дрога.