Реал Мадрид го отпушти Чаби Алонсо, Арбелоа го презема тимот
Реал Мадрид повлече драстичен потег среде сезона. Само еден ден по поразот од Барселона во финалето на шпанскиот Суперкуп, клубот официјално објави дека Чаби Алонсо повеќе не е тренер на првиот тим. Одлуката доаѓа во чувствителен момент од сезоната и јасно покажува дека трпението на раководството беше при крај.
Реал Мадрид го отпушти Чаби Алонсо по серијата слаби резултати и поразот од Барселона во Суперкупот. Нов тренер на „кралскиот клуб“ е Алваро Арбелоа, досегашен шеф на Кастиља, кој дебитира веќе во Купот на Кралот.
Во официјалното соопштение, Реал се обиде да го задржи достоинствениот тон, потенцирајќи дека Алонсо засекогаш ќе остане дел од клубската историја. Клубот му се заблагодари за посветеноста и работата, нагласувајќи дека „Реал Мадрид секогаш ќе биде негов дом“. Зад формалните зборови, сепак, стои јасна порака: резултатите и стабилноста не беа на нивото што се очекува од овој клуб.
Набргу по разделбата со Алонсо, беше објавено и името на неговиот наследник. Алваро Арбелоа, поранешен дефанзивец и долгогодишен член на „кралскиот“ колектив, е назначен за нов тренер на првиот тим. Тој доаѓа од клупата на Реал Мадрид Кастиља, каде што од минатото лето бележеше променливи резултати во третата шпанска лига.
Арбелоа целата своја тренерска кариера ја гради внатре во клубот, работeјќи во младинската академија и постепено напредувајќи до вториот тим. За раководството, тој претставува „внатрешно решение“ – човек што ја знае структурата, атмосферата и притисокот што го носи клупата на Реал Мадрид.
Како фудбалер, Арбелоа беше дел од една од најуспешните генерации на клубот. Помеѓу 2009 и 2016 година одигра 238 официјални натпревари и освои осум трофеи, меѓу кои две Лиги на шампиони и титула во Ла Лига. Со шпанската репрезентација беше дел од златната ера, освојувајќи Светско првенство и две Европски првенства.
Чаби Алонсо, пак, заминува од Мадрид со сериозен товар на очекувања што не успеа целосно да ги исполни. По фантастичната сезона со Баер Леверкузен, каде освои три трофеи и изгради репутација на еден од најперспективните тренери во Европа, неговото доаѓање во Реал беше дочекано како логичен чекор. Тој го наследи Карло Анчелоти во мај 2025 година и потпиша договор до 2028.
Почетокот на мандатот беше охрабрувачки, но сезоната 2025/26 брзо откри проблеми. Недостаток на континуитет, тактички експерименти и тензии во соблекувалната, дополнети со повреди на клучни играчи, ја влошија сликата. Во период од осум натпревари, Реал запиша само две победи, а критиките стануваа сè погласни.
Шпанскиот Суперкуп беше перципиран како последна шанса за стабилизација. По елиминацијата од Атлетико Мадрид и поразот од Барселона, довербата на раководството дефинитивно се распадна. Алонсо го водеше Реал во 34 натпревари, со биланс од 24 победи, четири ремија и шест порази.
Во моментот на смената, Реал Мадрид се наоѓа на второто место во Ла Лига со 45 бода, четири помалку од Барселона. Во Лигата на шампионите тимот е седми, додека во Купот на Кралот стигна до осминафинале, каде следува дуел со Албасете. Токму таму Арбелоа ќе го има своето деби, во обид веднаш да донесе стабилност и нов импулс на клупата на најтрофејниот клуб во Европа.










